Македонците живеат за да јадат, а не јадат за да живеат

Овде оброците се прават за очите, а потоа предизвикуваат проблем на стомакот. Според мене, подобро е да се зготват повеќе оброци и да се проба од се по малку.

0
6181

Белгискиот готвач Марк де Јонг, веќе две години го остварува аманетот што и го дал на баба си дека ќе дојде во Македонија со мисија да ги прошири француските кулинарски вештини на ова поднебје. Тој деновиве готвеше франсуки јадења на настанот „Вкусот на Франција“ Goût de/ Good France во организација на Француската амбасада и Францускиот Институт во Скопје, во соработка со Јавна соба во Скопје.

Во кујната е од својата 15-та година. Почнал во еден од најпознатите белгиски ресторани со три ѕвезди „мишелин“. Во неговата биографија се работните места во хотел со пет ѕвезди President WTC, Офицерскиот дом на НАТО во Брисел каде што го отслужил воениот рок, во хотел ресторан во кој се пречекувале високи офицерски службеници на белгиската армија и високи армиски претставници на странски делегации, како и во парламентот на Белгија.

Учествувал во натпревари за готвење. Во Белгија во 2012 година освоил второ место, во Кина освоил шесто место во свет и прво место за најдобар готвач од Европа. Член е на Европската асоцијација на готвачи euro-toques (еуро-ток).

Неговите баба и дедо се по потекло од Македонија, а сега и тој е Македонец со тапија.
Во момнентов работи како готвач и кулинарски консултант. За него велат дека е веќе жртва на својот успех, бидејќи е „распродаден“ по ТВ шоуа, емисии, ресторани, но и приватни вечери.

Зошто дојдовте токму во Македонија?

– Пред да почине баба ми и реков дека ќе се вратам во Македонија. Таа потекнува од Беловодица, а дедо ми од Плетвар. Со баба ми научив да зборувам македонски јазик. Веќе имам државјанство и останувам тука засекогаш. Децата ми се големи и тие се во Белгија. Додека живеев во Белгија ми велеа дека сум по потекло од Македонија, а сега кога сум тука ми велат дека сум Белгиец.

Што работите сега?

– Работам како приватен шеф и како консултант. Ги советувам рестораните околу француската кујна, ме повикуваат да готвам на специјални приватни вечери, гостувам на ТВ емисии.

Како изгледа една приватна вечера?

– Обично на овие вечери, јас приготвувам се, а домаќинката гледа. Ме повикуваат да им приготвам вечера, се договараме околу менито, главно јас им предлагам, се купуваат потребните намирници и јас готвам во нивната кујна. Ако сакаат можат да ми се придружат во готвењето и да научат околу се што правам јас таа вечер или само да се опуштат и да чекаат да биде готово, заедно со нивните гости.
Доколку сакаат да научат нешто им покажувам се, ги подучувам, па потоа заедно ја поставуваме масата.

Какви планови имате во блиска иднина?

– Планирам наскоро да објавам книга со француски рецепти. Таа ќе содржи 20-25 рецепти, кои ќе бидат детално објаснети. Целта е книгата да биде достапна за сечиј џеб и секој да може да ја има за да го проба францускиот начин на готвење, како и рецепти од други кујни. Вакви книги ќе излегуват сезонски на 3-4 месеци.
Исто така, планирам да отворам наскоро место во кое ќе можам да готвам со заинтересираните граѓани, каде ќе ги обучувам, а потоа заедно ќе седнеме и ќе јадеме.

Без кои намирници не можете во Вашата кујна?

– Путер, маслиново масло…

Вашето омилено македонско јадење е?

– Тавче гравче, сарма, риба…

Ги наоѓате ли сите потребни состојки во локалните маркети?

– Тешко, но се наоѓаат. Некогаш ги има некогаш не. Во Македонија се уште нема специјален дуќан за потребите на рестораните, како што има во светот, но и во соседна Бугарија, на пример.

Како Ви се допаѓа македонската храна?

– Уживам овде во храната. Уживам да готвам и да ја консумирам. Жал ми е што овде луѓето многу ја варат храната. Сакам да им покажам дека има и друг поздрав начин на готвење. Овде многу се јаде скара, на пример, но готвењето на ќумур не е здраво. Истото тоа може да се зготви со маринади, во тава, во рерна… За жал, овде се уште не може да се отвори француски ресторан зашто луѓето немаат навики да одат во такви ресторани. Сакаат да имаат пред себе обилни оброци, од кои најчесто храната останува и се фрла. Овде за жал, луѓето живеат за да јадат, а не јадат за да живеат. Овде оброците се прават за очите, а потоа предизвикуваат проблем на стомакот. Според мене, подобро е да се зготват повеќе оброци и да се проба од се по малку. Вашата кујна се потпира на намирниците што произлегуваат од ова поднебје и тоа ја прави традицијата во македонската кујна.