Во хотелот „Александар палас“ во Скопје викендов се одржа првиот „Слоу фуд салон“, кадешто своите производи ги изложуваа, ги разменуваа, продаваа, но и ги објаснуваа, сите оние мали, вредни и чесни производители на македонски автентични и висококвалитетни храна и пијалаци кои се дел од организацијата „Слоу фуд Македонија“.
Тука беа нашите стари пријатели, Нацо Јовчевски, златното момче од село Дихово и неговиот златен мед, а особено вкусните мешавини од мед и таан, мед, поленов прав, млеч и прополис, потоа, уште едни медари од Дихово – брачната двојка Дичо и Цвета Димковски, Игор Поповски, неговиот превкусен кашкавал и биеното сирење, па симпатичниот Давид Неделковски, и производите од неговата фарма „Кози, млеко, планина“, гостиварчанецот Дамјан Гаврилоски, со својата сланина која три години по ред освојува златен медал на Сланинијадата во Качарево (Панчево, Република Србија) која има статус на светска гастрономска манифестација затоа што на неа својата сланина ја изложуваат производители од сите краеви на светот, но и други свои сувомесни производи, Сашо Стојчески со најмиризливите производи со тартуфи, потоа слатка, намази, локални вина, крафт пива, традиционални дестилати. Тука беше и маестро Пеце Клечкароски, кој ја претстави и првата занаетчиски произведена чоколада во Македонија, но и најразлични вкусови од неговата „Леска“, Марјан Костадиновски, авторот на порталот „Сакам пиво“ и организатор на пивските салони кој настапи само со еден тип на пиво во мала лимитирана експеримантална серија. Тука беа и производителите на вино, и на ракија, меѓу кои и веќе брендираната ракија со додаток на коприва на мајстор Страшко Милошевски, како и неговото слатко-луто и оцетот од диви јаболчиња, нашите стари познаници, брачната двојка Анѓелески и нивните рајски мармалади од шипка и слатка од капина, но и неколкумина нови кои неодамна се вклучиле во „Слоу фуд“. Никита Арт и Владимир Кокарев, вкусната домашна зимница на Александра Лозановска, овчото сирење од Виница, преспанската јаболкова ракија на Влатко и Бојан, к’цаната афионска сол на Владимир и уште многу други знајни и незнајни вредни луѓе со производи направени со срце.
Салонот понуди вкусови кои Слоу Фуд Македонија ги заштитува, поддржува и промовира повеќе од 10 години преку својата мрежа.
Организацијата Слоу Фуд обединува членови, активисти, производители, експерти, готвачи, новинари околу филозофијата „Добра, чиста и правична храна, за сите!“