Многу пати досега сум се уверила во тоа дека Србите дури и за појадок јадат нешто месесто, а за ручек – се подразбира.
Но има тука и градации, па некои од нив можат да поднесат дури и турлитава со пилешко (пилешкото е отстапка за тукашниот дел од семејството, односно за оние кои од месо можат да поднесат само пилешко и риба), а некои не признаваат ништо друго освен месо.
Фала му на Бога, мене ми се „паднаа“ овие првиве – спортистите.
Тие сакаат месо (замислете, во нивните резерви во замрзнувачот, останале само уште 10 килограми-колку што ние тука трошиме за цела година), ама јадат и зеленчук, а за појадок знаат да си земат дури и мусли или кајгана, па со нив е многу полесно.
Иако, длабоко во себе, чувствувам дека остануваат гладни.
Првите (оние кои не признаваат ништо што нема животинско потекло), дознавме дека пред да дојдат кај нас, прво одат да се закрепнат со кебапи.
Како и да е, „мојава“ половина од српското семејство, на плус 40, добро ја поднесе турлитавата со пилешко. Можеби беше пресудно тоа што им реков дека ако остане, истата ќе ја јадеме и денес.
Злобно, нели?