Стани си сабајле порано, на берба на аронија појди си

Бербата на оваа лековита билка на плантажата на скопјанецот Владимир Михајловиќ во околината на Скопје, почнува на изгрејсонце, во 5 и 30, а завршува во 11, пред да почнат горештините. Ако сакате можете да си ја наберете и сами, но во секој случај ќе добиете органска и здрава аронија нахранета со органското ѓубриво на нашиот соговорник

0
1269

Пред неколку дена скопјанецот Владимир Михајловиќ, на својата фејсбук страница објави повик кој гласеше отприлика вака: „Во наредните денови секој кој е заинтересиран може сам да си набере свежа аронија, непрскана и третирана само со органско ѓубриво Биохумус. Бербата започнува во 5 и 30 и трае до 11 часот“. Следуваше и телефонски број за пријавување.

Се разбира, се јавивме, но не за берба, туку за муабет. Сепак, работна недела е, нели?

Нашиот соговорник Владимир го запознавме претходно како производител на висококвалитетно органско ѓубриво кое се добива со помош на калифорниски црви, па го прашавме прво што е со неговата фарма.

„Аронијата ми беше понудено да ја работам минатата година, а бидејќи се наоѓа во непосредна близина на мојата фарма, а станува збор за здрава супер намирница и лек, сметав дека е одлична можност за мене, да одгледувам нешто органско и природно, без хемија, со помош на својот производ. Плантажата ја земав за работа како 6-годишна, а сега е во полн ек и веќе дава убава количина и квалитет. Бербата ја почнуваме рано, на изгрејсонце и дневно успеваме да собереме и по 150-160 килограми. Секако дека не е лесно, со оглед на тоа што се собира зрно по зрно, а притоа треба да внимавате и да ги наберете само оние што се доволно созреани, другите остануваат за понатаму. А таа е вистинско чудо на природата, мислам дека ќе ја имаме до крај на август, такашто повикот е отворен за сите заинтересирани“, вели Владимир.

Тој, неговото семејство, пријателите, но и професионални берачи, деновиве се секојдневно таму, но нивната работа не завршува до 11 часот, бидејќи по бербата арнијата треба да се спакува, а веќе имаат и нарачки, па и тие треба да се испорачаат.

„Работата е тешка, но кога се работи со љубов многу е полесно“, вели тој.

Инаку, иако неговиот ангажман со аронијата дошол случајно, Владимир добро ги знае нејзините здравствени придобивки и неговото семејство ја консумира секојдневно во сите варијанти – сурова и свежо набрана, како сок, слатко, во овошни торти, замрзната за во зима.

„Кога станува збор за купувачите, аронијата и нејзините здравствени придобивки се веќе познати, па ја купуваат сите, нема ограничување во годините или полот, секој кој сака да води здрав живот и да има јак имунитет. А плодовите на црната аронија се исклучително богати со витамини. Содржат витамини Ц, А, Е, Б2, Б6, Б9, и многу реткиот витамин П. Содржат и калциум, железо, калиум, молибден, фосфор и јод. Во плодовите има голема концентрација на антиоксиданти (танини, биофеноли, флавоноиди, антоцијанини, катехини). Се смета дека е поголем антиоксидант од брусницата. Затоа е корисна, во превенција на малигните заболувања, ефикасно го прочистува организмот, од штетни материјали, па и од тешки метали. Освен тоа, аронијата содржи и редок овошен шеќер, сорбитрол.

Ја подобрува циркулацијата во организмот, а со тоа ја подобрува и снабденоста со крв на виталните ткива и органи. Ја подобрува прокрвеноста на мозокот, па затоа помага при главоболка и мигрена. Ја прочистува крвта, го намалува крвниот притисок, нивото на шеќерот во крвта, помага при атеросклероза и воспаление на вените. Аронијата ја подобрува функцијата на ендокрините жлезди и го регулира излачувањето на хормоните. Особено е добра за штитната жлезда, бидејќи ја подобрува нејзината функција и го регулира излачувањето на нејзините хормони, што помага при болестите на штитната жлезда и гушавоста (струма).

Аронијата е добра и за органите за варење на храната. Ги намалува грчевите и болките во желудникот, го намалува воспалението на слузницата на желудникот, со што помага при лекување на чирот на желудникот и гастритисот. Ги смирува и грчевите и болките во цревата, го намалува воспалението на слузницата на цревата и го запира проливот.

Ја подобрува работата на црниот дроб и излачувањето на жолчта. Му помага на црниот дроб да ги неутрализира штетните материи. Таа е природен лек при воспаление и други заболувања на црниот дроб, при воспаление на жолчната кеса, жолчни каменчиња и жолтица….“, ни набројува Владимир и вели дека и самиот веќе ги чувствува на себе нејзините благодети.

А ако треба да се набројува уште, тогаш треба да се каже и дека истражувањата на руските научници покажале дека ова овошје го подобрува излачувањето на тешките метали, како и некои радиоактивни елементи од организмот. Токму затоа и се користела после експлозијата во Чернобил, за ублажување на последиците од зрачењето, во што била повеќе од успешна, а за таа примена се користи и денес.

„Јас ја прихранувам аронијата со нашиот Биохумус -органско ѓубриво, па сите што ќе ја консумираат можат да бидат сигурни дека е сосема природна и не содржи никакви штетни додатоци. Освен тоа, јас никогаш не би донел дома нешто што е третирано со хемија, затоа што во тој случај ви одел против себе и својот производ, органското ѓубриво Биохумус“, се смее Владимир.

Со нас го сподели и семејниот рецепт за нивниот супер здрав сок од аронија.

Состојки:

1 кг бобинки аронија

500 мл вода

400 г кафеав шеќер

Сок од ½ лимон

Приготвување:

Во подлабоко тенџере или лонец додадете шеќер и вода, па ставете на оган додека да зоврие со повремено мешање. Кога водата ќе зоврие додадете ја аронијата.

Постојано мешајте и бобинките гмечете ги со решеткастата лажица за пире, за да се исцеди што повеќе сок од нив. Кога ќе достигне точка на вриење исклучете го огнот, оставете една минута, па тргнете го садот на страна и оставете да се излади.

Процедете ја смесата низ газа, па добиениот сок вратете го повторно на оган да зоврие уште еднаш. Откако ќе проврие додадете сок од половина лимон, промешајте и складирајте во стерилизирани шишиња (претходно загреани во рерна на 90 степени). Значи, врел сок во врели шишиња, па затоа внимавајте да не се изгорите.

Затворете ги шишињата и оставете целосно да се изладат прекриени со ќебе или некој подебел чаршав. Чувајте на темно и ладно место, па консумирајте по потреба. Доколку сакате може да го разредувате со малку вода.

Сокот од аронија е најздраво да се пие на гладно, наутро по една мала чаша или пред секој од главните оброци.