Славата му годи, ама на пазар повеќе нема намера да оди

Со шеф Никола Мишковски зборувавме во пријатниот амбиент на ресторанот „Камник“ за кој вели дека е негов втор дом. Таму е шеф на кујна речиси цела деценија, а за викенди се релаксира бордајќи во зима, и возејќи скејт во пролет и лето. Популарноста е веќе неколку години дел од неговиот живот, но откако последниот пат кога бил на пазар на секоја тезга му ги полнеле кесите со намирници, си ветил себеси дека ќе пазари само во маркети.

0
2582

Широката јавност го запозна шеф Никола Мишковски преку кулинарското шоу „Брза кујна“ кадешто секојдневно со својот колега Марк Де Јонг прават комплетно мени од неколку состојки за навистина кратко време. Оние пак кои се чести гости во ресторанот и винаријата „Камник“ уживаат веќе 10 години во неговите ексклузивни специјалитети во кои минатата година, меѓу многу други високи домашни и странски функционери и други познати личности од сите бранши, уживаа и Зоран Заев и неговиот гостин од Грција, Алексис Ципрас.

Шеф Никола вели дека за неговата животна определба да биде готвач е ‘виновна’ неговата мајка која му била и најголемата инспирација за ова што е тој денес.

„Страста за готвењето и љубовта кон храната ми се појавија уште во раното детство, токму благодарение на мирисот и вкусот на домашно приготвените оброци од мајка ми, голема заслуга за ова има и моето прикрадување во кујната откако таа се вработи како готвачка во еден ресторан. Едноставно ме исполнуваа целата таа атмосфера и притисоците кои ги создава самата гастрономија.

Мајка ми ми даваше да пробувам шкампи, лигњи тоа што не беше дел д нашата секојдневна исхрана, а уште додека бев во прва средно (во средното угостителско „Лазар Танев“), кога сѐ уште немавме пракса, мајка ми ме испрати на пракса во ресторанот БОБ-ДЕН во Маџари. Моето патување низ кујните започна токму таму, каде како практикант благодарение на двајцата браќа Боби и Дени јас сум сега токму тука. Имено, кога отидов првпат таму и го побарав шефот на кујна Дени, тој ме пикна во кујна, ми даде престилка, ми покажа едно огледало со канапеи и ми кажа дека треба да направам уште три такви.

Се врткав сам во кујната и почнав да плачам зашто немав поим како да ги направам, но видов невидов, почнав да гледам од готовиот и малку по малку, за 4-5 саати ги направив. Така се навлеков на оваа магија. Вечерта шефот ме пофали и ми кажа да дојдам пак. Се разбира, се подлажував и со по некој денар, и ми стануваше сѐ поинтересно. Кога завршив училиште, а потоа и со војската, почнав професионално да работам во „Три бисери“ во Аеродром, кај Војо Спасовски, бардот на модерната македонска кујна. Од него научив многу, а по неговата смрт, на само 20 години станав сериозен шеф на кујна со тим од 15 луѓе. После 6-7 години таму, дојдов во Камник и еве сум тука речиси 10 години. „Камник“ ми е како мој втор дом. Дејноста Шеф и притисокот кој ја носи оваа титула се дел од мене сите овие години. Тежнеејќи кон нешто поразлично од стандардното ме доведе токму до ова по што сум денес препознатлив. Мој предизвик е создавањето на комбинации на минималистички порции чии вкусови се соодветни за вино“, раскажува Никола.

По големиот број на освоени титули и медали на голем број натпревари, Никола решил да се пензионира од натпреварите и, како што вели, да се откаже од тремата и неизвесноста на натпреварувањето.

„Пред 5 години земав лиценца од WASC каде што моето искуство го преточив во судија. Сега моментално го користам да им помогнам на младите ученици и сите оние кои се стремат да ги остварат своите соништа да станат врвни шефови“, вели нашиот соговорник.

Тој избегнува долга термичка обработка и вели дека се залудни сите здрави намирници ако секое јадење го готвиме со часови. Противник е на ајварот, туршијата и на конзервирањето на храната па вели дека исто како што на наште деца им велиме дека не е здраво да јадат помфрит и хамбургери, не би требало да им даваме ниту ајвар кој, вели, „нема никаква хранлива вредност и воопшто не треба да се гордееме со него“.

Најчесто готви со сезонски намирници па на пример, сега на ‘репертоарот’ има  5-6 работи со тиква, кога е сезона на пиперки, има сѐ од пиперки, вклучувајќи на пример и карпачо од црвена пиперка. Познат е по комбинирањето на храна со вино, и минималистички порции во след од 5 до 9 јадења, секое искомбинирано со вино. За ова Никола се обучил завршувајќи курс за вински советник. Што се однесува до трендовите во светската гастрономија, вели дека во „Камник“ не се штеди на тие работи па затоа и воопшто не заостануваат зад нив, напротив. Освен во ресторанот, фајн дајнинг вечери се приготвуваат и во винаријата „Камник“. И покрај воодушевувањето кое го предизвикува со својата кулинарска умешност, готвењето дома Никола ѝ го препуштил на својата сопруга Стефанија.

„Готвењето на домашни оброци за мене е слаба страна. Обожувам кога  ќе приготвам јадење за нас дома, но не гледам предизвик готвејки домашни оброци. Можеби и токму затоа традиционалната домашна храна ѝ ја препуштам на мојата сопруга. Стефанија научи со малку намирници да направи сѐ, без рецепт, без ништо. А шестгодишниот син Дарин  јаде сѐ.

„Не е пребирлив, на 4-5 години проба шкампи, октопод и нема проблем, тоа е дете кое нема потреба да го тераш, знае на 6 години и сам да си влезе да си земе парче леб да си намачка со нешто  и да се најаде. Јас го оставам за себе приготвувањето на онаа храна која ми дозволува експериментирање, а сепак да е прифатлива за сите нас“, вели шеф Никола.

Но кога имаат гости, тојј ги засукува ракавите и се обидува да не ги разочара.

„Кога доаѓаат на гости кај готвач луѓето очекуваат нешто специјално, а јас не сакам да ги разочарам, па така можам да кажам дека за нас дома главно готви сопругата, а за гостите – јас“, вели тој.

Во однос на славата која ја постигна како дел од кулинарското шоу „Брза кујна“ вели дека е за него успех од повеќе аспекти.

„Задоволен сум бидејќи преку шоуто успеавме да ја кренеме гастрономијата на едно повисоко ниво од тоа што е и луѓето повеќе не се срамат од професијата на готвач. На почетокот популарноста можеби ми претставуваше проблем бидејќи не знаев како да се справам со неа, но сега е веќе дел од мојот живот и секако дека ми годи. Ама сепак, откако последниот пат кога бев на пазар за да купам нешто, се вратив со 10 полни кеси со сѐ и сешто, освен она по што отидов, реков веќе – не одам на пазар. Оттогаш наваму пазарам по маркети“, признава тој.

Покрај готвењето, шеф Никола го интересира и еден сосема поинаков свет, а тоа е светот на адреаналинските спортови, нуркање, бордање, скејтање, па додека во зима секој викенд е во Маврово кадешто борда сега веќе заедно и со неговиот шестгодишен син Дарин, во топлите денови тие двајцата возат скејтборди.

Син му почнал да го учи да борда од тригодишна возраст и вели: Јас скијам од мал, ама да бордам научив дури на 25-26 години, па зошто тој да не научи додека е помал.

 

Неговото второ дете, малечката Дариа има само 4 ипол месеци, па е сѐ уште рано за скејтање и бордање, ама покрај ваков татко и брат, сигурно нема да остане на „суво’.

Фото: Стефани Христов, Приватна архива