Радост за винољупците: Стартува петтото издание на Винодонија

Мини јубилејното издание на единствениот и престижен вински салон во Македонија ќе се одржи на 19-ти и 20-ти Ноември (петок и сабота) во хотел Лимак Скопје во намален капацитет и форма, но со иста доза на среќа и ентузијазам.

0
317
Фото: Unsplash

После подолго време и ланското одложување заради пандемијата утре стартува петтото издание на Скопски вински салон Винодонија 2021.

Мини јубилејното издание на единствениот и престижен вински салон во Македонија ќе се одржи на 19-ти и 20-ти Ноември (петок и сабота) во хотел Лимак Скопје во намален капацитет и форма, но со иста доза на среќа и ентузијазам.

Низ претходните изданија, Винодонија се етаблираше како елегантен настан што го слави виното и неговата магија истовремено подигнувајќи го нивото на винската култура кај нас, па така и оваа година ќе ги претстави винските ѕвезди од Македонија и регионот.

„Петтото издание на Винодoнија конечно ќе се одржи по долг период на сивило и несреќи, но со намера и желба барем за кратко да избегаме од реалноста и да го прославиме виното со надеж за подобри денови. Како и секогаш, во рамки на салонот ќе се одржат и неколку едукативни и стручни работилници, предавања и дегустации на архивски вина од страна на  реномирани домашни професори, но и предавачи и сомелиери од странство“, најави Александар Вучковски, директор на Скопски вински салон Винодонија.

Винскиот салон е од изложбен карактер на кој винариите ги нудат своите вина за дегустација и имаат прилика да ја раскажат својата винска приказна пред винските љубители, потрошувачи, медиумите, но и да се поврзат со потенцијални деловни партнери од угостителско-туристичкиот сектор во Македонија. Картите ќе бидат во ограничен број и ќе може да се купат преку онлајн системот за карти, а мал дел ќе има и на самиот влез по цена од 500 денари.

Работното време на салонот е од 16 до 21 часот во петок и од 15 до 21 часот во сабота.

Настанот ќе биде организиран со спроведување на сите епидемиолошки мерки и влез ќе им биде дозволен само на лица со сертификат за вакцинација, потврда за прележаност не постара од 45 дена или негативен PCR тест.

Работилници и предавања во рамки на Винодонија 2021:

Петок, 19-ти ноември:

14:30-16:00

Волшебниот премин – Примена на малолактичка ферментација во производството на вино, проф. д-р Горан Миланов    

Што е малолактичка ферментација и како влијае истата на сензорниот профил на виното? Кога да се примени и за кои вински стилови? Енолошка метода што го трансформира виното на подобро ниво но и му наштетува кога е непланирана и случајна . Дознајте се за волшебниот премин на јаболчната киселина во млечна киселина и крајниот исход во виното од таа трансформација од проф. д-р Горан Миланов.

16:30 – 18:00

Влијанието на климатските промени врз винската индустрија – предизвици и решенија, проф. д-р Климе Белески

Климатските промени и нивното влијание на планетава се секогаш актуелна тема а тие промени влијаат и на винскиот свет. Лозарите и винарите работат на разни методи и техники како и на селекција на посебни клонови на сорти кои се отпорни на екстремни температури и болести. Кое се најголемите предизвици и уникатни решенија за да се остане квалитетен и конкурентен на глобалната винската сцена слушнете од проф. д-р Климе Белески на неговото предавање со најнови факти и информации.

18:30 – 20:00

Вертикална дегустација на Terroir Vranec Grand Reserva, винарија Камник

Terroir Vranec Grand Reserva e винско чудо кое ги освои сите можни престижни награди и светски признанија. Нај наградено македонско вино кое што со својот супериорен квалитет дигнаа голема прашина на светскиот вински пазар. Ексклузивна и ретка можност да дегустирате архивски, внимателно зреени и чувани и најверојатно последни примероци од ова врвно вино кое гласно одекна помеѓу винските љубители низ светот. Ќе пробате пет берби наназад и ќе отпатувате далеку.

Сабота, 20-ти ноември:

14:00 – 15:30

Запознај ја винска Романија со Ника Лаурентиу, сомелиер

Романија е мистична, прекрасна и секако традиционална винска земја чии што вина и автохтони сорти се почесто се во фокусот на интерес меѓу винските љубители но и често присутни на винските карти ширум светот. Специјален гостин-предавач ќе ни биде Ника Лаурентиу, еден од најпознатите сомелиери во Романија кој ќе ве прошета низ романските вински региони, апелации, тероари и заедно ќе пробаме интересни вина од локални сорти специјално селектирани и донесени за оваа Винодонија.

16:00 – 17:30

Претставување и дегустација на новата линија на винарија Стоби – Кралот на виното има име, MACEDON, Андон Крстевски, енолог

Ексклузивна промоција на новата винска бренд линија на познатата винарија Стоби, MACEDON. Пет нови вина од уникатни тероари и микролокации направени со многу страст и внимание, за прв пат ќе ни бидат претставени на овогодинешната  Винодонија. Нивниот главен енолог Андон Крстевски ќе ни ја раскаже најновата винска приказна од Стоби и ќе ја сподели инспирацијата што му даде име на кралот на виното.

18:00 – 19:30 Запознај ја винска Албанија со Алтин Тортаку, сомелиер

Виното е дел од секојдневниот живот во многу земји, иако дел од нив помалку познати како вински, сепак нудат уникатни тероари и сорти за винско уживање. Нам толку блиску но сепак далечна кога станува збор за винската лична карта, Албанија во последно време изненадува со нови вински брендови, локални сорти и квалитетни вина. На гости ни е Алтин Тортаку, познат сомелиер и вински колекционер кој на оваа работилница ќе не запознае со винското лице на Албанија, збогатена со дегустација на пет внимателно селектирани вина од тамошни винарии.