Андријана Облешевска: Зелен пазар е моја оаза среде бетонската џунгла

„Зеленото пазарче е мојата оаза среде бетонската џунгла. Тука има продавачи со кои на некој начин паралелно сме пораснале и генерално, знаат со што се занимавам, сите ме поддржуваат и ми дозволуваат да ги одберам најубавите овошки и зеленчуци од нивните тезги. Она ’може ли да бирам‘ е привилегија и задоволство кога сум тука“, вели креативната Андријана Облешевска.

0
902

Нашата соговорничка е економистка по професија, музичарка во душа, ракотворка во тело. Вака се опишува себеси и додава дека и сега и отсекогаш била во игра со овие три.

Андријана Облешевска не ја запознавме ниту како економистка, ниту како музичарка, ама затоа не воодушеви со своите ракотворби и тоа, не какви било, туку генијални. Пардон, евгенијални.

Ако се прашувате зошто евгенијални, ќе ви кажеме дека е тоа името на нејзиниот бренд „Евгенијално A&C“ специјализиран за изработка на уникатни и извонредни букети и корпи направени од зеленчук, овошје и цвеќиња.

Кованицата ’евгенијално‘ е нејзина измислица, а инспирацијата доаѓа од името на нејзината ќерка – Евгенија.

Инаку нејзините букети и корпи спаѓаат во таканаречената фудфлористика, правец кој потекнува од Русија и таму е особено популарен.

Андријана се запознала со фудфлористиката пред речиси 3 години.

„Ѝ беше роденден на моја многу блиска другарка, а идеите за тоа што да ѝ купиме ни беа исцрпени и ни фалеше нешто ново и свежо. Јас веќе ги следев и истражував руските креативки и фудфлористки, од каде е измислен овој нов правец и се сетив на тоа дека би било баш добро сега да пробам да направам еден ваков жив букет. Беше пролет, сезона на најубавите плодови и цвеќиња, мојата најинспиративна сезона. Овој прв букет е сè уште еден од моите најубаво искреирани букети. Веројатно бидејќи беше наменет за мојата најдобра другарка. Инаку, беше комбинација од калинка, киви, лимони, јагоди, јаболчиња и нарциси. Букетот не само што беше преубав, туку беше и причина да продолжам да го правам ова до денеска. Добив голема поддршка и од најблиските и еве ме, цветам до ден денес“, се смее Андријана.

Во меѓувреме сите нејзини блиски имаат добиено ваков букет, а нејзината ќерка Евгенија и е главен консултант околу крајниот резултат.

„Кога е близу до мене додека правам некој букет, барам мислење од Евгенија, а таа во тој момент се чувствува многу важно. Во ова многу ме поддржува и сопругот, кој истовремено и со задоволство ја врши доставата на букетите и често кога ќе го прашам каква била реакцијата на клиентите кога го примиле букетот, знае да се пошегува и да ми каже дека не знаеле што да кажат бидејќи гледале во него. Така што нашата предност е и згодниот доставувач. И да не ги заборавам моите родители и мојот брат кои исто така постојано ме поддржуваат и се радуваат за мене“, раскажува оваа млада жена!

Андријана е самоука во фудфлористката и посветила многу време и љубов во истражување на техниката на изработка на овие букети. Постојано дознава по нешто ново, имплементира по нешто ново, додава поголема вредност на букетите, па затоа тие имаат своја уникатност и карактер.

„Си дозволив да не се ограничувам во слободата луѓето да ја почувствуваат мојата енергија. И тоа и се случува, а резултатите и комплиментите кои ги добивам се бесценети“, вели Андријана.

Најубавите овошја и зеленчуци за своите букети Андријана ги набавува од Зелен пазар.

„Порасната сум и живеам во Кисела Вода, па Зелен Пазар си го доживувам како матично пазарче. Од дете најубавите овошки и зеленчуци сме ги набавувале од таму. Најблизок ми е не само како локација, туку и во срцето. Има посебна магија на големите пазари, се чувствувам гушнато и од луѓето и од целата природа со која сум опкружена. Зелено пазарче е мојата оаза среде бетонската џунгла во центарот на градот.

Тука има продавачи кои ги знам баш одамна, со кои на некој начин паралелно сме пораснале. Генерално, знаат со што се занимавам, интересно е што сите ме поддржуваат и ми дозволуваат да ги одберам најубавите овошки и зеленчуци од нивните тезги. Она ’може ли да бирам‘ е привилегија и задоволство кога сум тука.

Иако функцијата на овие букети во суштина е да се изедат, тие изгледаат толку убаво што речиси е неверојатно дека некој има срце и навистина да ги јаде.

„Верувам дека луѓето кои ги добиле постепено си вадат едно по едно плодче и си јадат. Но можеби има и луѓе кои ги примиле и ги оставиле природно да се исушат. Ги доживеале како декорација. Мојата идеја за овие букети всушност е да имаат состав кој ако не 100%, барем 90% да е јадлив. Имаме многу видови на цвеќиња кои се јадат и за мене е навистина големо достигнување ваков вид на букет да можете да го искористите максимално. Замислите да си направите смути или пак некоја убава зеленчукова чорба и да додадете латици од јадливо цвеќе“, вели Андријана со страст.

Најчесто букетите кои ги креира се со сезонско овошје и зеленчук, а комбинациите што ги прави се безбројни.

„Моето чувство е дека има толку многу магија во сите четири годишни времиња, кои будат различни емоции што јас сум многу среќна што живеам во земја каде има непресушна инспирација за креирање на вакви дела на природата. Но она што е многу интересно е дека кај нас сè повеќе успеваат и егзотичните плодови и цветови, бидејќи луѓето пробуваат и се охрабруваат, па садат по нешто од нив и доаѓаат до моментот ’еј и ова расте кај нас‘. Ги почитувам и поддржувам локалното производство и локалните производители пред сè! Инаку апсолутно креирам и комбинации со егзотично овошје и зеленчук“, објаснува нашата креативна соговорничка.

Букетите сега веќе ѝ ги нарачуваат буквално за секаков повод и за сечија возраст.

Сега таа ги изработува букетите многу побрзо отколку на почетокот, а на клиентите им останува само да ѝ го кажат поводот или пак приказната која стои зад букетот кој сакаат да го подарат. Андријана ги прашува дали сепак имаат овошје или зеленчук кое го преферираат, за да ги вклопи во таа приказна.

„Кога почнувам комуникација со клиентите, тие не само што ми кажуваат за каков повод се работи, туку и неретко ми го опишуваат примачот. И мене ме фасцинира како идејата за примачот, ја реализирам во букет ’како создаден за неа/него‘. Тоа е фидбекот кој го добивам и навистина ми е многу драго што успевам да допрам до нечиј лик/приказна. Инаку, изработувам и тематски букети, во кои додавам по некој реквизит кој го поврзувам со поводот. Некогаш по моја, некогаш по иницијатива на клиентите. И тука сакам да им се заблагодарам на клиентите што некогаш нивните идеи ме охрабриле да направам нешто ново и поинакво од досега и тоа станало прифатливо за мене и во натамошните креации.

Заради довербата и комплиментите кои ги добивам од клиентите, често ми се јавува потребата да им се заблагодарувам на содржината која ја постирам заедно со букетите, бидејќи ја имам во големи количини на дневно ниво и сакам да ги гушнам и да им покажам љубов на овој начин“, вели таа.

Интересно е тоа што Андријана многу пати има направено ваков букет кој бил во функција на бидермаер за невести.

Веројатно, повеќето се користат при регистрација и не верувам дека се фрлаат, туку можеби се случува да ги подарат на ’следната што треба да рипне во тавче‘. Во секој случај кај невестите има интерес да ги нарачуваат овие букети и навистина ми е многу драго што се одлучуваат на еден од нивните најубави денови во животот да држат и уникатен букет“, вели Андријана.

Ако ја прашате кој е најубавиот букет што го направила, малку нескромно, но искрено, таа вели дека има направено многу најубави букети.

„И самата на клиентите знам да им кажам кога ќе искреирам букет дека овој ми е еден од најубавите. Можеби е нескромно за некој, но јас често знам да си дадам заслуга сама на себе. Да си се заблагодарам што имам можност за едно вакво убаво патување низ креативноста“, признава таа.

Андријана долги години е и дел од светот на туризмот, професија која е полна со авантури, која е постојано динамична и носи непроценлива радост за патниците. Но, откако светот се соочи со пандемија и самата вели дека туризмот повеќе не е ни одблиску во својата полнота како досега.

„Веројатно ќе биде потребен подолг период за закрепнување и застанување на нозе. Имам чувство дека куферите на луѓето се одамна спремни и само чекаат зелено светло да тргнат и да се почувствуваат повторно живи. Букетите пак од друга страна откако почнав да ги изработувам продолжија да ми ја даваат живоста што ми треба. Но овојпат заради постојаниот контакт со природата, оној есенцијалниот за еден човек“, вели таа.

Во своите букети Андријана често користи и јадливи цвеќиња, а за нив често пишува во своите постови на страницата на „Евгенијално“.

Она што е многу важно, вели таа, е јадливите цвеќиња да се од наши локални градини и да не се растени со вештачки препарати и хемикалии, туку исклучиво со природно ѓубриво за да можат да се консумираат.

„На еден од последните букети кои ги изработив, по повод годишницата на еден брачен пар, закачив мини стаклено тегличе во кое имаше кандирани латици од роза кои ги правев јас, а симболиката беше дека бракот, иако е голем предизвик чиј пат знае да биде трнлив како розата, сепак е и прекрасен како неа и дури и сладок ако го зашеќерите“, објаснува таа симпатично.

Освен што прави прекрасни букети, Андријана ужива и во готвењето, а особено во декорирањето на храната.

„Таа љубов ја живеам постојано и секојдневно и е наследство од моите баба и дедо кои имаа посебни ритуали кога стануваше збор за храната. Даваа многу љубов во целиот процес, од набавката каде многу се внимаваше на квалитетот, па до подготвувањето и уживањето во неа. Јас долго време сведочев на овие семејни моменти кои станаа дел од мене, односно ги прифатив со цело срце. А овошје и зеленчук користам во големи количини додека готвам, па оттука излегуваат безброј комбинации и декорации. И да, во текот на овие години имам направено букети и за себе, особено кога имам наплив на идеи кои морам да ги реализирам“, се смее Андријана и додава дека Евгенијално како концепт има свои цели и своја мисија.

Целта е букетите кои ги изработува да бидат постојан потсетник за тоа колку е совршена природата и следствено на тоа колку е важно да се грижиме за неа.

„Имав една прекрасна ситуација кога една девојка на која нејзините другарки ѝ беа подариле мој букет, ми испрати фотографија од про’ртено цвеќенце, кое било дел од букетот што го добила од нив. Цвеќето инаку беше полно со семиња, како и речиси сите овошки и зеленчуци кои ги користам. Сфатив дека овие букети не мора да бидат само краткотраен подарок кој ќе го изедете по неколку дена, туку можат да бидат букети полни со надеж за подобро утре! Односно можете да си одвоите барем неколку семиња и да ги пресадите и тие повторно да добијат живот. На некој начин да си ја засадиме својата иднина, а да ѝ го вратиме на природата она што сме ѝ го одземале. Како еден круг на меѓусебна благодарност“, завршува прекрасната цветна Андријана.