Старите добри пиварки

Нашата читателка Олгица од Скопје толку внимава на деталите што освен што ќе ве привлече со рецептот на нејзината мајка за старите добри пиварки, како магнет ќе ви го привлече вниманието и со аранжаманот

0
1179

Пиварките се едни од најубавите старински домашни колачиња, едноставни по состојките, како и сите колачи кои ги правеа нашите мајки и баби, но незаменливи по вкус.

А сите си чуваме некој стар тефтер наследен од мајките или некој наш, кој и покрај сите рецепти на интернет, сме сакале да си го пополниме токму со нивните рецепти, па така и нашата читателка Олгица Русимов Павловска. Таа деновиве си ги направила овие пиварки по рецептот на нејзината мајка Вена.

Состојки:

7 лажици шеќер

1/4 шолја зејтин

1/4 шолја пиво

1 прашок за пециво

брашно по потреба (да не биде многу тврдо тестото)

Приготвување:

Се мешаат шеќерот, зејтинот и пивото додека да се стопи шеќерот, па се додава брашно и прашок за пециво. Се замесува тесто кое не треба да е многу тврдо.

Се сука кора со дебелина од 1/2 цм и се сечат коцки. Во секоја коцка се става јатка орев, се виткаат и се редат на подмачкана тепсија.

Додека пиварките се печат, вие подгответе го шербетот од 200 г шеќер и 300 мл вода. Се додава и малку сок од лимон.

Додека се уште врели пиварките се потопуваат во шербетот па се валкаат во мелени ореви или во кокос.