Порано маџун правелe зашто бил скап шеќерот, сега се купува само за лек

Повеќето луѓе денес го земаат маџунот само како лек за различни здравствени проблеми, освен оние кои го произведуваат па можат да си дозволат комплетно да го заменат шеќерот со маџун. Нашите соговорници, Љубица и Антонио Митреви, велат дека кај нив дома маџунот е на пиедесталот

0
956

Нашите соговорници, Љубица и Антонио Митреви, мајка и син, се производители на маџун и, се разбира, кавадарчани. Велат дека нивната семејна приказна како производители на маџун, барем до таму до кадешто им е ним позната, датира од далечната 1896, односно, од прабабата Марија која почнала да го прави маџунот за да го користи како засладувач во своите кујнски марифетлуци.

Официјално како регистрирана фирма за производство на маџун почнале во 2017. година.

Во работата се надополнуваат иако обврските не им се строго поделени. Антонио е повеќе по технолошкиот процес, а Љубица се занимава со односи со јавноста, но сите други обврски ги делат во зависност од тоа кој како е слободен во дадениот момент.

„Со оглед на тоа што имаме традиција во производство и конзумација на маџун и до ден денес маџунот за нас претставува комплетна замена за шеќер, односно го користиме како замена за шеќер при подготовката на разни торти и колачи, во кафето и други утрински напитоци, шејкови, итн.

Во минатото маџунот првенствено и се правел како замена за шеќер од причина што во тоа време шеќерот бил многу скап и не бил достапен за многу луѓе. Подоцна, со самото редовно конзумирање луѓето почнале да ги чувствуваат здравствените придобивки за нивното здравје, па почнале да им го даваат маџунот и на најмладите затоа што верувале дека е хранлив колку и мајчиното млеко“, раскажуваат тие.

Во Тиквешијата порано се правел во речиси секоја куќа со оглед на тоа што е дел од традицијата во овој регион. Се добива со концентрирање на гроздовата шира и изобилува со минерали, природни шеќери, антиоксиданси, од кои најпознат е ресвератролот и се препорачува за зајакнување на имунолошкиот систем кај деца и возрасни. Особено е препорачлив во овие ладни зимски денови и период на настинки, грипови и вируси, како заштита на здравјето и за зајакнување на имунитетот.

„Нашиот маџун е природен, без додатоци и адитиви, а во исто време изобилува со витамини и минерали, органски киселини и антиоксиданси кои помагаат за зајакнување на крвта, подобрување на функцијата на респираторниот и кардиоваскуларниот систем, помага при нарушена функција на црниот дроб како и за општото човеково здравје“, вели Антонио и додава дека, како и кај многу други производи, тајната за добар производ започнува со изборот на најдобрите суровини.

„За производство на нашиот маџун го избираме најблагото и најздравото црно грозје, за потоа, за време на производството, добро да ја прочистиме гроздовата шира, користејќи не’рѓосувачки садови за подготовка, но и со добро познавање на самата технологија на производство на маџун и секако, многу посветеност и љубов. Најчесто луѓето го купуваат нашиот маџун како лек за подобрување на имунитетот и крвната слика, за помош при проблеми со црниот дроб, за прочистување на респираторниот систем“, вели тој.

Како производители на маџун тие со својот Divinum Prime Madzun (Дивинум Прајм Маџун), учествувале на повеќе изложбени манифестации, но за најголемо достигнување го сметаат учеството на саемот за храна во Келн, Германија.

„Саемот го носи името Ануга и е најголемиот саем за храна во светот кој се одржува на секои две години. Како единствени изложувачи на маџун наидовме на многу позитивни реакции на луѓето од западните земји со што имавме можност да ги запознаеме и да ги едуцираме што точно претставува маџунот“, вели Антонио.

Инаку, освен кај нас, маџунот како слад од грозје е познат и во Турција и уште неколку ориентални земји.

Љубица и Антонио велат дека тие се уште не прават таканаречен органски маџун, но планираат во иднина да го сертифицираат својот маџун како органски следејќи го трендот на се поголемата побарувачка на органски производи на светскиот пазар.

„Разликата помеѓу конвенционален и органски маџун е само во тоа што суровината, односно, грозјето што треба да се користи за производство на органски маџун треба да биде од сертифицирано органско производство, меѓутоа самите технолошки процеси при производство и бенефитите по човековото здравје остануваат исти“, тврдат нашите соговорници.