Не можете да ѝ одолеете на брзата храна? Постои научно објаснување за ова

Ако не постои начин да се префрлите на здрава храна, има причина за тоа и не станува збор само за силата на вашата волја.

0
155

Без разлика дали станува збор за тоа што автоматски со кафето земате печиво или се фаќате себеси како не можете да поминете покрај грицките во продавницата без да земете чипс, секој има некоја нездрава храна на која е слаб.

Сепак, новото истражување покажува дека тука не станува збор само за волја и самоконтрола. Имено, научниците откриле дека ни треба повеќе време да разбереме дали нешто е здраво отколку да одлучиме дали нешто ќе ни биде вкусно и затоа често избираме фини, но нездрави опции.

Во студијата, 79 возрасни лица биле замолени да изберат помеѓу различна храна, а биле вклучени и здрави и нездрави опции. Тие морале да бираат 300 пати. Истражувачите заклучиле дека на луѓето им требало половина помалку време за да одлучат која храна ќе им биде вкусна, отколку што им требало да одлучат која храна е здрава.

„Заклучивме дека честопати не е наша вина кога се одлучуваме за нездрава храна. Нашиот мозок едноставно побавно ги процесуира информациите за тоа колку е здрава храната, а побрзо ги обработува информациите за тоа колку ќе биде вкусна“, објаснила д-р Николет Саливан и додава дека ова може да биде објаснување зошто некои луѓе избираат нездрави опции иако знаат дека не се најдобри за нив.

„Ова не значи дека земаме колаче затоа што желбата за вкусни слатки е посилна од нашата волја, туку затоа што информациите за идните здравствени последици од тоа колаче не се обработуваат доволно рано за да се вклучат во процесот на донесувањето одлука што да јадеме. Можеби веќе сме се одлучиле за колаче, а мозокот сè уште не обработил дека станува збор за нешто нездраво. Избираме нездрави опции затоа што му треба многу долго на мозокот за да ги процесира информациите дека нешто не е здраво“, додала Саливан.

Текстот е од ТУКА.

Фото: Freepik