На полноќна посета кај Атиџе Муратова

Не, не бевме непристојни, нашата доцна посета на домот на хероината од „Медена земја“ се должеше на петте кошници со пчели, подарок за Атиџе од група волонтери од здружението „Уметност на живеење-Македонија“, кои мораше да се пренесуваат ноќе. На радоста на Атиџе ѝ немаше крај...

0
909

Атиџе Муратова е една од најневеројатните славни личности што ги видел светот. Се прослави случајно и неочекувано. Домашната и светската јавност добија можност да се запознаат со фасцинантниот портрет на оваа жена преку документарецот „Медена земја“ кој со одлична наративност и кинематографија го наслика животот на Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа. Од  маргините на општеството во родното село Бекирлија, таа, нашата хероина, се најде во центарот на вниманието, дури во Холивуд, а сега, неизменета, едноставна и полна со добрина, ја живее втората половина од својот живот во селото Дорфулија, среќна затоа што има можност да се занимава со двете работи што ги сака најмногу на светот: пчеларењето и пеењето.

А како се најдовме ние кај Атиџе на полноќ?

……………..

Се возам пред некој ден со велосипедот по „Партизанска“ и го среќавам мојот пријател Горан. Застанав да се поздравам и чекајќи да го заврши телефонскиот разговор, до увото ми допреа зборовите: пчели, кошници, Атиџе,

Кога заврши со разговорот, го прашав: „Какви пчели спомнуваше, што е работава со Атиџе?“

Вели, „ќе одиме да ѝ носиме неколку кошници пчели на Атиџе. Таа не може да живее без нив, а сега е во Дорфулија и таму ги нема нејзините диви пчелички“.

Нормално, прашав дали може да им се придружам. Впрочем, веќе се знаеме со Атиџе, јас чинам дека ѝ го направив првото интервју, само еден ден откако го гледав „Медена земја“ на проекцијата за новинари во кино „Милениум“.

И така, падна договорот, тргаме од Скопје после 17 часот и одиме по пчелите таму некаде под Огражден, после Струмица, а после кај Атиџе, во Дорфулија. Не ми беше многу јасно зошто одиме толку доцна, ама си мислам, ако, сигурно си има Горан обврски на работа па кога ќе заврши со сè, иако знам дека неговите ангажмани немаат крај, ќе тргнеме.

И така, дојдоа по мене со комбе, седнати напред возачот Зоки, Горан и јас, се извлековме од градскиот метеж накај 17 и 30 и тргнавме на пат.

А по пат не може да ви е здодевно со сите приказни на Горан. Бидејќи не сака да го споменувам, а јас не можам да одолеам, податоците за него ќе бидат скудни, но доволно е ако ви кажам дека станува збор за човек кој ги прави најневеројатните комбинации кога станува збор за неговите работни обврски и за оние кои освен обврска, за него се и големо задоволство, а тоа се ајурведските третмани, јогата и хуманоста. Па така патем ја слушнав приказната за жената која одамна, во времето на бившата СФРЈ дошла во Скопје од Чачак по човекот во кого се вљубила додека овој служел војска во нејзиниот роден град. Нејзините се откажале од неа кога дознале дека е муслиман, па таа кутрата, кога дознала дека е згора на сè и женет и има деца, немала каде да се врати и со години слугувала во нивната куќа и ги чувала децата на својот несуден маж. Последните години ги минува осамена и во беда, сè додека не го запознае Горан кој ја посетува и ѝ помага до крајот. Интересна и тажна приказна, една од многуте во кои Горан се вплеткува сакајќи да им помогне на најбеспомошните.

Но да се вратиме на пчелите за Атиџе. Тие се донација од група волонтери од ајурведскиот центар и од здружението „Уметност на живеење-Македонија. Според Горан, ваквиот тип на помош за луѓето, односно, да им се даде „орудие“ за да го работат тоа што најдобро го знаат, а не пари што брзо се трошат, е најдобрата помош што можете некому да ја дадете.

Според изразот на лицето на Атиџе пак, кога ги доби петте плетени кошници за пчели, од оние кои се користеле порано (трмки), тоа беше навистина полн погодок. Впрочем, како што вели и самата, пчелите и пеењето се нејзината најголема љубов, а сега ги има и двете.

Со оглед на тоа што таа повеќе не живее во Бекирлија бидејќи куќата таму веќе се распаднала, а нема ниту вода, засега пчелите ќе ги чува тука, во селото Дорфулија, каде што е куќата што ја доби од тимот на „Медена земја“, а сега ја опремува со помош на сите оние луѓе кои сакаат да ѝ помогнат.

Покривот е ставен но не е опшиен, во купатилото ѝ тече вода, за дворот допрва ѝ претстои работа, па освен што се пофали дека засадила неколку дрвца и поставила пластеник во кој одгледува домати, има уште многу работи кои треба да се направат. Сепак, Атиџе е среќна.

Сè додека никој не ѝ прави проблеми и сè додека ја оставаат да живее на раат. Да си ги чува пчелите, да пее, да си одгледува зеленчук, да си сади дињи, да ги пречекува сите знајни и незнајни посетители кои сакаат да ја запознаат, да им свари кафе, да си прави муабет.

Додека ми ги покажува собите во нејзиниот нов дом, ми ги кажува имињата на луѓето од кои ги добила предметите, точно знае кој што ѝ дал и сака да го каже тоа секому, бидејќи Атиџе е благодарна за секоја помош што ја добива.

И не само што е благодарна, туку и воопшто не е променета од првата средба која ја имав со неа, пред да го доживее својот огромен успех и пред нејзиното име да стане познато ширум светот.

Јас пак, како некој кој не знае речиси ништо за тоа како се чуваат пчели, со цел памет ѝ ги пренесувам инструкциите од пчеларот од кој ги зедовме кошниците, па ѝ велам: „Треба да ги одврзеш кошниците, да не се задушат пчелите, а потоа стави ги одозгора овие плетени куполи“. Секој друг би ми рекол: „Ја мајката, навистина? А ти пчеларка да не си?“

Ама не и Атиџе, неа не ѝ пречи, таа точно знае дека немам поим за што зборувам, но ја препознава и мојата загриженост за пчелите. И додека воодушевено ѝ прераскажувам дека сум ја открила „топлата вода“, односно, конечно сум дознала зошто морало да ѝ ги носиме пчелите ноќе, спремно ми ја потврдува приказната.

Имено, преку ден пчелите се на паша, а потоа се враќаат во своите кошници. Ако им ги однесете кошниците пред да се вратат во нив, односно, пред да се стемни, тие ќе останат без својот дом и ќе изумрат.

Ете тоа е приказната заради која мораше да чекаме да се стемни. Кошниците беа подготвени да се затворат одоздола со платно кое нашите прекрасни нови пријатели од Огражден (за нив ќе читате во следните денови) веќе го имаа поставено под петте кошници за Атиџе. Таа, со тон на вистински зналец, ми рече дека ќе ги отвори за кратко, само ќе почека малку да се смират од патот. Сепак, кутрите пчели патуваа и се труцкаа со нас во комбето околу час и половина.

И така, Горан и Атиџе и нејзиниот внук од брат со својот малечок син, кој вредно трчкаше пред нив осветлувајќи им го патот до местото кое го подготвила за кошниците, токму под дрвото орев, една по една ги сместија прекрасните трмки.

Се поздравивме и си заминавме. Следното утро Атиџе се запознала со своите нови другарки, кои се доселија во нејзиниот нов дом во Дорфулија и го добила првиот „бакнеж“.

„Многу сум среќна, ме касна една пчела, многу арно ми дојде“, ми вели таа кога се јавив да ја прашам како се пчелите. Зачудена ѝ велам: „Како мислиш, арно ти дојде?“ Вели, убаво ѝ било кога ќе ја касне пчела, нешто како за добредојде. Сега се тие веќе пријателки, пчелите се во одлична состојба и на вистинското место – кај некој што искрено ги сака, со љубов ги чува и споделува со нив онака како што треба, пола-пола.

„Алал да ви е како ги донесовте“, ни оддава признание Атиџе, додавајќи дека сè во кошниците си било на свое место, а пчелите биле здрави и прави.

Со Атиџе се гледаме веќе утре (7 јули), на промоција на нејзиниот прв видеоспот со Сузана Турунџиева за композицијата „Од Беќирлија до Битола“, во бифе Тафталиџе.

Среќна сум што бев дел од оваа приказна, но жал ми е затоа што посетата, со оглед на тоа што беше доцна, траеше кратко. И тоа не заради нашата домаќинка која со задоволство ќе не послужеше со кафе и вода иако беше полноќ, туку затоа што не чекаше патот до дома.