Јасин Ахмет е 26-годишно момче кое, како што раскажува, имало една цел, а тоa е да заработи доволно за да почне свој мал бизнис. Никогаш не планирал да студира, туку веднаш по завршувањето на средното училиште и тримесечниот воен рок, почнал да работи по скопските кафулиња, а сѐ што заработувал ставал настрана, за конечно, пред една година, во екот на пандемијата на ковид-19, да го отвори своето малечко местенце за сокови и кафе – Мола.
„Името Мола на турски значи пауза. Го нареков така по обичајот на Турците во текот на работниот ден да си земат мал тајмаут за да се напијат кафе или чај и да одморат душа. Токму тоа беше и идејата, луѓето да дојдат, да си земат свежо цеден сок или кафе и да си продолжат. Тука имам само две масички и 5 столчиња па нема можност да седнат повеќе луѓе. Тоа е малку проблем откако неочекувано, моево место стана популарно не само заради свежите сокови и кафето, туку како место на кое луѓето доаѓаат за да се фотографираат и да ја стават сликата на Инстаграм. Кога сите почнаа да се фотографираат и да ставаат фотографии како седат во Мола на Инстаграм, почнав и јас да ги објавувам нивните фотографии на Инстаграм страницата на Мола и тоа сега стана ептен популарно“, се смее Јасин.
Нему фотографирањето му е хоби, па има обичај да фотографира и сѐ што ќе направи за своите муштерии.
А тука, во веројатно најмалиот дуќан во скопската чаршија, од 9 метри квадратни, Јасин нуди секогаш свежи цедени сокови, чии комбинации можете да си ги изберете и сами, но најпознат е по своето кафе во кокос. Го крши кокосот, течноста се пие, а потоа се додава внатре кафе и млеко по желба. Останатото од кокосот муштериите си го земаат за јадење дома.
Ова кафе во кокос е вистинска атракција и полн погодок.
Инаку, Јасин од мајка му научил да се грижи за своето здравје, па така никогаш не пие газирани сокови, туку само свежо цедени. Затоа и заради целата ситуација со ковидот сметал дека на овој начин ќе им помогне и на своите сограѓани да придонесат за своето здравје.
Единствено лошо е тоа што од прекумерна употреба соковникот во Мола му се расипал, па додека не купи нов, ги оставил домашните без соковник.
Вели дека летово, додека во градот имало туристи, не му се случило да дојде странец и да нарача газиран пијалак.
„Луѓето пијат сокови и многу ми е драго заради тоа. Летово меѓу туристите што доаѓаа не видов еден да дојде и да нарача газиран сок. Кога ќе влезат веднаш знаат што сакаат и сами си прават свои комбинации, ми кажуваат што сакаат да ставам во сокот и си прават витамински коктел по желба. Дури ми се случило и да влезе некој и да побара две банани да му дадам, па иако ова не е пилјара, никого не сум вратил“, објаснува Јасин правејќи ни го својот омилен витамински коктел од калинка, јаболко и лимон кој цел ден не држеше будни и свежи.
Овошјето го набавува од Бит пазар, кадешто веќе го познаваат, особено затоа што е веќе стален муштерија. Бидејќи во дуќанот нема простор за големи количини, често оди во набавки, па така лека полека го научиле и продавачите кои му даваат секогаш свежи овошки.
Иако летото заврши и повеќе нема туристи, Јасин е задоволен, затоа што веќе има некои стални муштерии, а му доаѓаат и луѓе од чаршијата, пријатели, пријатели на пријателите и работата му оди.
„Не заработувам милиони, ама си ја вадам платата“, вели вредниот Јасин кој има и други планови кои веруваме дека ќе ги оствари како што го остварил и ова што сега се случува со Мола. Тој пред еден месец се верил и со неговата девојка од Гостивар, која ако сака да си го види вереникот мора да дојде тук, во Мола, кадешто е Јасин буквално цел ден, од 8 ипол наутро до полноќ во лето, а сега докај 21 часот.
„Кога доаѓа вереницата, пиеме кафе, си правиме муабет, а потоа она веднаш зема да измие нешто, да ми помогне и така времето ни лета. Навечер заедно затвараме па одиме некаде на јадење. Некогаш и таа знае да ми донесе тука нешто за јадење, а некогаш ми носи и мајка ми која патем, постојано прашува кога сакам да дојде да ми потсреди и да ми помогне“, раскажува Јасин.
Она заради што иако е мал дуќан, не можете да го одминете без да го забележите, е тоа што е уреден младешки и со многу вкус, но и заради убавата и ненаметлива музика.
„Музиката ја бирам според времето, кога е намуртено и врнежливо, пуштам џез, а кога е сончево и ведро-нешто повесело, на пример, кубанска музика. Но внимавам никогаш да не е прегласно и претежно бирам инструментална музика.
Еднаш случајно се погоди да имам пуштено италијанска музика, додека низ чаршијата поминуваа Италијанци од амбасадата со делегација, па сите седнаа на кафе“, се смее ова симпатично и вредно момче.
Јасин е најмал во семејството и има постари брат и сестра. Тие се деца од мешан брак, мајка му е по татко Албанка, а по мајка-Босанка, а татко му е Турчин, па сите дома зборуваат турски. Но Јасин знае дека секој јазик е богатство, па затоа зборува македонски со Македонци, албански со Албанци, турски со Турци, англиски со странците.
Од неговите родители не барал и не очекува финансиска помош, доволно му е што ја има нивната морална поддршка и што ги прави среќни и горди родители.