Дали сте спремни за кафе-тоник?

Не, не е грешка, не мислевме на џин-тоник, туку токму на кафе-тоник, нова трендовска комбинација која можеби на прва не звучи баш добро, ама ако пробате ќе сфатите дека вкусовите на тоникот и кафето одлично се надополнуваат.

0
144

Социјалните мрежи се вистински извор на инспирација за разни гастрономски деликатеси, а ние особено сакаме да истражуваме новини кога станува збор за разни варијации на кафе. Како што се затоплуваат деновите, сè повеќе сакаме да ја консумираме студената верзија на нашиот омилен пијалак.

По кафето Далгона, на социјалните мрежи се појави нов пијалак со многу импресивно име – кафе-тоник. Како што може да претпоставите, тоа е кафе измешано со тоник.

Отпрвин, оваа комбинација звучи прилично невообичаено, но всушност, кафето и тоникот многу добро се надополнуваат.

Подготовката е многу едноставна. Наполнете една поголема чаша до половина со тоник по ваш избор. Додадете ги коцките мраз додека не се наполни чашата. На крај полека додавајте го разладеното кафе. Најдобро одговара кафе со појака арома.

Со овој пијалак, вашата креативност може целосно да се изрази. Имено, во пијалакот можете да додадете разни додатоци, како што се лимета, портокал, грејпфрут, мед или цимет. Сè зависи од тоа кои вкусови ви одговараат. Доколку сакате да го послужите овој пијалак во петок навечер, додадете малку виски и џин.

Фото: Unsplash