Некои обичаи не треба никогаш да исчезнат…ете толку се вкусни

Обичаите и традициите за различни пригоди се различни насекаде, па така и оние кога се раѓа бебе. Ама, правењето мекици по овој повод е вечно.

0
340

Нашата пријателка Мирјана Глигоровска која деновиве станала баба, ни го испрати рецептот за нејзините мекици. Изгледаат навистина превкусно.

Обичајот со мекиците варира според регионите – некаде таткото е тој што дава мекици, меѓутоа, даваат и другите членови од семејството. Некаде свекрвата, мајката или сестрата на мајката разнесуваат мекици по роднините. Симболот на мекиците е за детето да биде меко, а тие се служат со благо за да има благ живот. Иако речиси сите преферираат мекици со сирење. Последните години пред пандемијата, обичајот прерасна во повод за уште една „свадба“, па се канеа гости во ресторан и се носеа мекици кои се нарачуваа од многубројните производители.

Пандемијата имаше една добра страна, мекиците се вратија во домовите, па многу новопечени баби, со мерак си ги прават повторно дома, а потоа ги разнесуваат по домовите на најблиските.

Еве го и рецептот на нашата читателка Мирјана.

Состојки:

2 јајца

1 свеж квасец

пола кесичка прашок за пециво

250 мл млако млеко

пола чашка ракија

1 лажичка шеќер

1,5 лажичка сол

1 кг брашно

околу 1 л масло за пржење (дел од тоа се става настрана во некој мал сад за да се мачкаат рацете кога земате од тестото за да ги пржите)

Приготвување: 

Квасецот се дроби и со 1 лажичка шеќер, 1 лажичка брашно и млакото млеко се остава да стаса. Потоа од состојките се замесува меко тесто и се остава да стасува 10 минути. После 10 минути се промешува повторно со лажица и се остава уште 10 минути.

Во меѓувреме се загрева голема количина масло во некое поголемо тенџере и кога тестото ќе стаса по вторпат, со намрсени раце се зема од тестото, се развлекува со 1-2 потега и се става во врел зејтин.

Ракијата во тестото се става за да не впиваат многу од маслото при пржењето.

Кога ги вадите мекиците од масло, ставајте ги врз хартиени салфети.