Наместо со коњски коли, собирачите ќе собираат отпад со електрични трицикли

Во зависност од заинтересираноста и подготвеноста на граѓаните да селектираат отпад, мрежата за сервисирање на станбени  објекти на стартап компанијата РЕДИ Рециклажа ќе се зголеми, а со тоа и бројот на вработени т.е. формализирани собирачи на отпад за кои во првата фаза се предвидени 10 електрични трицикли, 1 камион за транспортирање на отпад и покривање на мрежа од 400 станбени објекти.

0
210

Што правите со вашиот пластичен отпад и со хартијата, особено ако живеете во индивидуален станбен објект? Ние ги собираме и еднаш неделно некој со автомобил ги носи до најблиските контејнери. Значи, ако живеете во близина на Топлификација во Тафталиџе 1 како ние, тогаш најблиску ви се контејнерите во Козле, кај Македонска куќа. Не е баш близу, нели? Особено ако не возите автомобил.

Затоа, многу често ја „красиме“ оградата со кеси полни со пластика и со душа ги чекаме собирачите да ги однесат. Многу често нема ни да ги видиме кога поминале и ги собрале сите пластики што ги нашле. До следната тура.

Токму затоа не израдува веста дека овие собирачи ќе бидат ставени во организиран систем, а освен тоа, наместо да поминуваат со мотори со приколки кои речиси што не се распаднале или дури со запрежни коли, наскоро ќе ги гледаме во електрични трицикли, безбедни за околината, за нив и за целосната слика на градот.

Имено, здружението „Иницијатива за Економски Развој на Ромите – РЕДИ Скопје“ согледувајќи ги секојдневните предизвици со кои се соочуваат неформалните собирачи на отпад, во 2019 година започнало иницијатива за олеснување на нивните предизвици и решавање на нивните проблеми.

Со оглед на комплексноста на проблематиката и поддршката од засегнатите страни иницијативата се разви во социјално претпријатие како нов механизам за решавање на долгорочните проблеми во заедницата.

Па така, во 2020.година е регистрирана старт ап компанијата РЕДИ Рециклажа ДООЕЛ, со бизнис модел на социјално претпријатие.

Нивната визијата е развивање на социјалното претпријатие во рециклажен центар кој ќе отвори можности за креирање на повеќе од 1.500 вработувања за Роми, собирачи на отпад притоа користејќи ја циркуларната економија за рециклирање на секундарните суровини.

„За успешно постигнување на нашата визија, го поделивме процесот на имплементација во III фази. Истите се сочинети од сет на активности и проекти кои придонесуваат кон развој на капацитетите на собирачите, зголемување на мрежата од станбени објекти и целокупен развој за социјалното претпријатие да биде самоодржливо“, вели извршниот директор Асиб Зекир кој истовремено е и еден од основачите на Здружението „Иницијатива за економски развој на Ромите – РЕДИ“.

Станува збор за мрежа од невладини организации кои градат екосистем во ромските заедници фокусирајќи се на економски развој и финансиска инклузија на Ромите во Западен Балкан и Европа. Од 2016. година РЕДИ е во постојан контакт со околу 2000 претприемачи во ромските заедници во Источна Европа и Балканот и моментално е активен во 4 земји (Романија, Бугарија, Србија и Македонија).  

Разговаравме со господин Зекир за активностите и целите на компанијата и за интересот на неформалните собирачи на секундарен отпад да станат дел од оваа компанија и да ги формализираат своите активности.

Дали има интерес меѓу собирачите и колку собирачи имате можност да ангажирате?

На самиот почеток на иницијативата РЕДИ организираше средби со неформалните собирачи при што ги детектиравме нивните секојдневни предизвици и проблеми и според тоа е дизајниран бизнис моделот на социјалното претпријатие. Неформалните собирачи се заинтересирани да се вклучат во формалното собирање на секундарни суровини и истите сакаат да бидат дел од иницијативата.

РЕДИ Рециклажа ги започнува своите активности со тим од 8 лица, од кои 5 се собирачи и останатите лица се за супервизија и комуникациски тим со граѓаните.

Набрзо, со проширување на нашата мрежа од згради, ќе имаме можност да вработиме дополнителни лица кои доаѓаат од маргинализирани заедници.

Што мислите, колку луѓе ќе можат да се ангажираат на овој начин, со колку возила располагате и колку канти имате?

Во зависност од заинтересираноста и подготвеноста на граѓаните да селектираат отпад, нашата мрежа за сервисирање на станбени  објекти ќе се зголеми а со тоа и бројот на вработени т.е. формализирани собирачи на отпад.

Во првата фаза на нашето работење предвидени се 10 електрични трицикли, 1 камион за транспортирање на отпад и покривање на мрежа од 400 станбени објекти. Секако, РЕДИ паралелно започнува подготовки и за втората фаза на работење која ќе ја развие мрежата и бројот на вработени.

По кои критериуми ќе ги ангажирате луѓето ако има повеќе заинтересирани?

Според законската регулатива, собирачите кои ќе управуваат со електричните трицикли треба да имаат најниска категорија на возачка дозвола за управување на возило или велосипед со мотор во сообраќај и истите доколку имаат таква дозвола може да влезат во процесот на селекција. На оние кои ја немаат, но имаат завршено основно образование, РЕДИ се стреми да им даде техничка и финансиска поддршка за стекнување на најниската категорија на возачка дозвола доколку смета дека кандидатот е подготвен и заинтересиран да работи во социјалното претпријатие.

На останатите лица кои немаат завршено основно образование, РЕДИ им нуди техничка поддршка за враќање во образовниот процес со цел да се дообразуваат и да бидат поконкуренти на пазарот на трудот.

Дали ова значи дека по улиците веќе нема да ги гледаме оние грди конструкции од вреќи и најлони и коњските запреги, кои од немајкаде ги користеа собирачите кои и досега беа единствените кои не спасуваа главно од пластиката?

Една од целите на социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа е да ги организира и формализира неформалните собирачи.

Собирачите на отпад имаат важен удел во зелената економија и придонесот за почиста животна средина и истите треба да бидат организирани и формализирани за да имаат видливост за нивната работа.

Со нашиот систем за примарна селекција на отпад во станбените згради, ја спречуваме можноста за фрлање на отпад т.е. секундарни суровини во контејнери или по улици. Тоа ќе ни даде почиста слика на нашето општество но и позитивна слика за целата заедница.

Кој ги обучуваше овие луѓе и што подрaзбираше обуката?

РЕДИ Рециклажа во соработка со Гоу Грин, организираше обука за собирачите кои ќе бидат вработени во социјалното претпријатие. Во текот на таа обука, собирачите имаа можност да го научат значењето на секундарните суровини, поделбата на отпадот, понатамошните процеси на третман и рециклирање на отпад и секако, начинот на работење во социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа.

Со спроведување на активностите предвидени во нашите проекти, собирачите ќе имаат  дополнителни сет-обуки за развивање на нивните капацитети и вештини.

Дали мислите дека има потреба и од едукација на сите граѓани, генерално, кои можеби незнаат дека не е доволно само да се пикнат пластичните шишиња или кутиите од пица во соодветни канти, туку истите треба да се измијат, односно, да се исчистат…?

Од пилот проектот спроведен минатата година во соработка со Гоу Грин, имаме позитивно искуство за свесноста на граѓаните да селектираат секундарни суровини. Секако, паралелно со нашето сервисирање на станбените објекти, РЕДИ Рециклажа во соработка со Гоу Грин ќе организира едукативни кампањи за развивање на свеста на граѓаните правилно да ги селектираат секундарните суровини.

Постои ли опција со овој проект да се опфатат и индивидуалните куќи кои се заинтересирани за селектирање на отпадот?

Во иднина предвидуваме и сервисирање на општини во кои има поголем број на индивидуални куќи, секако, доколку истите се заинтересирани да селектираат отпад.

Кој го финансира проектот? 

Здружението РЕДИ Скопје со финансиска поддршка од Канцеларијата за Ромски Иницијативи при Фондација за Отворено Општество Берлин, успешно ја основа компанијата РЕДИ Рециклажа која се стекна со лиценца од Министерството за животна Средина за собирање и транспорт на неопасен отпад.

Дополнително, преку програмата Рекономи со партнерство и соработка со Хелветас и финансиска поддршка од СИДА, РЕДИ Рециклажа набави електрични трицикли, корпи за селектирање на отпад и опрема предвидена во првата и втората фаза на работење.

РЕДИ неодамна доби уште еден проект од Федералното Министерство за социјална работа, здравство и заштита од Австрија, каде што во партнерство со Европската канцеларија за животна средина од Брисел и Umwelt од Австрија планираат активности кои ќе развијат Методологија за развивање на капацитетите на собирачите на секундарни суровини, согласно нивните потреби што ќе бидат мапирани на терен. Овој проект ќе ни даде јасна слика за нивните потреби, но и за предлози до Владата.

Каде ќе се носи селектираниот отпад, односно, секундарните суровини, што ќе се прави понатаму со нив?

Собирачите на РЕДИ Рециклажа, на организиран и формализиран начин ќе ги соберат секундарните суровини (пластика и хартија) од поставените канти во станбените згради. Собраните секундарни суровини, со помош на електрични трицикли ќе бидат транспортирани во базните претоварни станици на социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа од каде истите секојдневно и со специјален камион ќе се транспортираат во лиценцирано складиште за понатамошен третман и процес на рециклирање.