Дали сте пробале леб од 350 денари?

Порано викаа: сиромаштија, леб и сол само јадат! Ама сега човек и да не е ептен сиромашен, не може да си дозволи ниту толку...му останува само солта. Мислам, ако купува од лебот кој чини цели 350 денари, само затоа што е направен со маја?!

0
1954
Деновиве случајно наидов на оглас за леб од кисело тесто кој чини 350 денари за 850 грама.
Лебот бил направен од бело брашно, сончоглед, ленено семе и она што особено е нагласено и што ја кренало цената на лебот на неверојатни 350 денари – ‘маја стартер ферментиран 12 саати’.
И замислете, количините биле ограничени!
Си велам, штом се количините ограничени, па огласот звучи како: побрзајте ако сакате да дојдете до леб, веројатно има и купувачи.
Сигурно и вие сте слушнале барем една приказна од оние какви што раскажуваа порано бабите и дедовците, па велеа: ех, сиромаштија, леб и сол само се јадеше!
А да слушнат сега дека еден леб каков што сите си правеле дома, сега се продава за 350 денари, или ако ви е полесно да разберете – 5,66 евра, сигурно ќе се насекираат дека на нивните потомци, дури и ако не се ептен сиромашни, не им останува ништо друго, освен да јадат само сол. Таа е барем евтина.
Мислам, ако купуваат од лебот кој чини цели 350 денари само затоа што е направен со маја.
Брееј, мајата ферментирала 12 саати! Ова звучи како да го меселе без престан 12 саати.
Можеби има луѓе што токму така и го сфаќаат ова со саативе, а бидејќи сега лебот со кисело тесто е светски тренд, мислат дека 350 денари е навистина реална цена за ваков ‘модерен леб што се прави со денови’!
Ама да бидеме реални, лебот се прави од брашно, вода и сол. Толку. Еве, да додадеме и некое семе – сусам, сончоглед, лен, сите чинат отприлика по 20-30 денари за 100 грама.
А за маја лесна работа. Еден куп луѓе сега си прават дома природен квасец (маја).

За мајата и за да не ве прави никој будала да давате 350 денари за ‘лебот на баба’, ќе ви ја откриеме ‘големата тајна’: ви требаат само брашно, вода, време и трпение. И запомнете, ја правите еднаш и може да ви стои со години. Ја чувате во фрижидер и само ја дохранувате со брашно и со вода, и толку.

На пример, нашата пријателка Бојана од ‘Ситно сецкано’ својата маја си ја негува веќе три години. Редовно ја храни со брашно и со вода, а таа пак ѝ возвраќа со тоа што на нејзините лебови и други марифетлуци од тесто им дава навистина преубав, карактеристичен вкус.

Мајата се прави најдобро со ‘ржано брашно, објаснува Бојана, но може и со било какво друго, па дури и со безглутенско брашно и со обична вода.
„Јас чувам мала количина на стартер (маја) и го хранам со 30 г ‘ржано брашно и 50 г вода. Во теглата чувам само малку од стартерот, 1-2 лажици, затоа што доколку има повеќе, нема да има доволно храна за сите организми кои се размножуваат внатре, а за оваа количина е сосема доволно. Инаку, кога правам нешто, обично користам стартер во овој сооднос: 50 грама стартер на 500 грама брашно“, објаснува Бојана.
А нејзиниот рецепт за ваков „350-денарски“ леб, ќе го најдете ТУКА или ТУКА.
Па вие пресметајте колку пари и време ќе ве чини.
Секако, им симнуваме капа и на оние кои успеваат да шитнат леб за 350 денари, па макар бил од маја која ферментира 12 саати, ама и на оние кои можат да го купуваат, па макар и го јаделе само со сол, онака, сиромашки.