Знаете ли каде ќе ве дочекаат со селски мекици и домашен козји јогурт?

На 14.септември (сабота), семејството Неделковски организира отворен ден на својата семејна фарма – „Кози, млеко, планина“ во селото Раштак на Скопска Црна Гора. Во инструкциите како дотаму, пишува: Паркирајте ги автомобилите сред село или дојдете до претпоследна со автобус бр. 65 и прашајте за Давид со козите

0
2222

Во рамките на годинешниот фестивал на органска храна на плоштадот во Скопје, едно познато насмеано лице – Давид Неделковски, момчето кое со своите родители пред 8 години едногласно решиле од градот да се преселат во село Раштак, родното село на неговиот дедо. Оттогаш тројцата живеат таму и се занимаваат со чување кози и со производство на млеко, млечни производи и јарешко месо.

Иако кога ги купиле првите 10 кози не знаеле буквално ништо за нив, со време научиле многу и сѐ уште учат, а сѐ што знае со нив споделува дедо Мирче, од соседното село од кого и ги купиле првите кози.

„За чувањето кози, за проџесот и технологијата на производство на млечните производи, а особено на нашиот хит производ, сушеното сирење, многу ни помогна дедо Мирче од соседното село, со кои сме домашни пријатели и од кого ги купивме и козите, бидејќи тој беше стар и не можеше веќе да се грижи за нив. Но бидејќи е голем љубител на кози, постојано не советува и безрезервно ни помага. Не можам да ви кажам колку бев трогнат и секогаш кога ќе ми текне се наежувам од тоа што го слушнав од него кога ги земавме козите, а тој им рече: ‘ајде сине’. Не знам колку можат луѓето денеска да го сфатат ова, но јас сега целосно го разбирам“, раскажува Давид.

На својата фарма во с.Раштак тие произведуваат млеко, сирење, млечни производи, урда, кисело млеко и слично, а она што е новитет годинава се јогурт, крем сирење и гауда кашкавалот.

„Работиме со лимитирано производство па добиваме нарачки неколку дена однапред за да можеме да го испочитуваме барањето за младо сирење, за крем сирење и за јогурт и млеко, а производ број 1 ни е сушеното сирење кое го правиме по рецептот и инструкциите на дедо Мирче. Станува збор за традиционален производ кој е сличен на биеното сирење, но наместо во канта, тоа се закачува и се суши на сонце.

Иако порано во село Раштак се произведувало вакво сирење, сега речиси и го нема бидејќи луѓето сѐ помалку и се занимаваат со производство и се стремат да си најдат работа во градот и да избегаат од селото и од селските работи“, објаснува Давид.

Инаку, тој и неговите родители се задоволни од својата одлука и од својот сегашен живот  и покрај многуте предизвици кои им стоеле и сѐ уште им стојат на патот.

„Најголем проблем беше неедуцираноста на луѓето за она што ние го правиме, но интересот за здрава храна е сѐ поголем и поголем и очекувам младиве повеќе да се охрабрат.

Во два-три наврати доаѓаа луѓе од градот кои сакаат да побегнат оттаму и дојдоа да се посоветуваат со мене за чувањето кози, за производството и слично. Јас сум отворен и секогаш сум тука за да им помогнем на сите кои сакаат да го одат нашиот пат“, вели Давид.

А она што тие го прават за поголема едуцираност на граѓаните, освен што секојдневно на својот Фејсбук профил „Кози, млеко планина“ објавуваат фотографии од нивното секојдневје и сѐ она што се случува на фармата, е учеството на вакви фестивали, но и она што ќе го направат на 14.септември, сефте оваа година, а тоа е – Отворен ден на фармата.

„Не знаеме во што се впуштаме точно, незнам колку луѓе ќе дојдат и што да очекуваме, но идејата е да им дадеме можност на луѓето од градот, а особено на децата кои не разликуваат коза од овца и не виделе јаре во живот, одблиску да се запознаат со овие прекрасни животни, да видат како функционира фармата и целиот процес преку кој се стасува до финален производ-сирење.

Мојот внук од сестра, Димитар, кој има речиси 2 години, има можност често да се дружи со јарињата и со козите и сѐ повеќе сака да го прави тоа, но немаат сите деца ваква можност. Затоа, ќе го направиме овој отворен ден, а сите што ќе дојдат ќе бидат пречекани со селски мекици и домашен козји јогурт“, најавува Давид.

И до сега за време на викендите кај нив доаѓаат луѓе кои сакаат да го поминат денот на планина, да видат како изгледа шетањето со козите во природа, да видат со што се хранат, да научат некоја билка, тревка, печурка.

Давид вели дека тој и неговото семејство се дел од организацијата Слоу фуд и дека се благодарни за сѐ што таа направила за воведувањето на законска регулатива во процесот на производство на малите домашни производители.

Инаку, до штандот на Давид во рамките на Фестивалот за органска храна, имаше и голем сад со „семки за садење“.

Неговата идеја, како што вели, е поради пожарите ширум земјава и пошироко, ширум планетава, посетителите да си земат од овие семки кои се собрани со помош на козите, од сливи џанки и дренки и да ги боцнат кадешто сакаат.

„Јас веќе го сторив тоа во пола планина“, се смее Давид.