За влијанието на шеќерот врз нашето здравје не треба многу да се пишува. И малите деца знаат дека премногу слатки и шеќер можат да ги уништат забите, а честата и долготрајна консумација може да поттикне развој на низа болести, како што е и дијабетесот тип 2.
Оние кои не можат да се откажат од шеќер, во обид да го намалат неговото внесување заради потребата од слабеење или зачувување на здравјето, ќе посегнат по вештачки засладувачи. Иако за разлика од вистинскиот шеќер, вештачките шеќери немаат калории или пак имаат многу малку, вистинското прашање е какво е нивното влијание на нашето здравје и дали се тие „поздрави“ од обичниот, бел шеќер?
Кои се карактеристиките на вештачките засладувачи?
Големиот број вештачки засладувачи се наоѓаат во низа прехранбени производи, од храна до напитоци. Сите тие имаат иста мисија – да го имитираат шеќерот со вкусот, а да ги намалат неговите лоши карактеристики. Некои засладувачи како сахарин, сукралоза, ацесулфам К и аспартам, се многу слатки дури и во мали дози, што ги прави идеални за употреба во низа производи кои се идентификуваат како да се без шеќери, како на пример, разни напитоци, слатки, гуми за џвакање и слични.
Останатите, како сорбитол и ксилитол (брезин шеќер) се добра замена во низа производи за оние кои од здравствени причини би требало да го избегнуваат шеќерот. Повеќето од овие надоместоци доаѓаат со низа предупредувања, затоа не чуди што многу стручњаци на прашањето дали треба да ги користиме овие надоместоци за шеќер, ќе ви одговорат дека станува збор за „личен избор“.
Ограничувањето на внесот на шеќери е добро и може да го намали ризикот од развој на дебелина, расипување на забите и дијабетес. Како пример за тоа колку шеќер внесувате во себе секојдневно, доволно е да се каже дека само една лименка од познатиот газиран пијалок содржи околу девет коцки шеќер, што е многу повеќе од препорачаната дневна количина која би требало да ја консумира возрасна личност.
Важно е да се знае дека заради употребата на вештачки засладувачи нема преку ноќ да ослабнете и дека тие не се замена за квалитетна диета и здрав пристап кон исхраната.
Колку е здрав синтетичкиот шеќер?
Иако повеќето засладувачи се синтетички производ, некои се направени од природни материи, како што е на пример сладилото на база на стевија кое е направено од листови на билка. Синтетички производ не значи и дека нужно станува збор за производ кој не е здрав.
За да им се олесни изборот на купувачите, на секој прехранбен производ мора да биде јасно назначено дали содржат сладило со малку калории. Но самите сладила не гарантираат слабеење, а целиот процес ќе биде успешен единствено ако е усогласен со комплетната исхрана и со редовно вежбање.
„Постојат студии кои покажуваат дека оние кои консумираат замени за храна со помалку калории, краткорочно и долгорочно, имаат тенденција за губење на тежината“, рекла др.Стејси Локјер од британскaта фондација за храна.
Регулацијата на секој вештачки засладувач е строго одредена па така нивните производители мораат да покажат дека засладувачот нема никакви штетни влијанија. Помеѓу останатото мораат да докажат дека не предизвикува развој на тумори, дека не влијае на репродуктивните органи, дека со складирање во организмот не се претвара во други потенцијално небезбедни производи, дека не предизвикува алергиски реакции и слично.
Европската агенција за безбедност на храната одредува прифатлива дневна мерка за нивна консумација, што се смета за доволно безбедно за да можете да ги земате секој ден во текот на вашиот живот без штетни последици. За какви износи станува збор ќе покажеме на следниот прибор.
Возрасно лице тешко околу 70 кг може дневно да испие 14 конзерви напитоци без шеќери или 40 лажички засладувач аспартам во чајот или кафето, и нема да го пречекори дневниот лимит. Кај децата станува збор за четири лименки пијалок и 13 лажички сладило. Но ако се прашувате што е со непријатните нуспојави, со оглед на низата негативни работи кои можат да се слушнат или да се прочитаат, сепак нема цврсти докази за штетноста, пишува БиБиСи.
Вештачките сладила не смеат да ги консумираат деца помлади од три години, но трудниците смеат. Лицата родени со реткото генетско пореметување фенилкетонурија треба да избегнуваат аспартам затоа што може да биде штетен за нив. Останатите просечно здрави консументи на вештачки сладила треба да знаат дека преголемата консумација може да предизвика надуеност и пролив.
Заболените од дијабетес најчесто користат надоместоци за шеќер, особено шеќер од бозел. Количината и улогата на шеќерот во организмот е особено важна кај дијабетичарите. Шеќерот е вид на јагленохидрат и влијае на нивото на глукоза во крвта, а намалувањето на внесот на шеќер може да помогне во одржувањето на нивото на глукоза во крвта под контрола. Но и нивното одење на диета, ако е потребно, исто така не би требало во целост да го исфрлат шеќерот.