За малку па совршена

0
953

Сабота навечер. Имав празен желудник и малку време, па ја посакав најдобрата можна варијанта – пица. Иако се чини дека во секој град на светов постојат синџири на пицерии, но и помали самостојни пицерии кои се тркаат меѓу себе кој ќе понуди поголемо парче пица по што пониска цена и ќе ја испорача за најкус можен рок, сепак, за среќа, постојат и оние на кои пицата им е вистинска љубов и инспирација за едно посебно гастро уживање.

Во мојот роден град имам неколку избори на кои им останувам верна со години кога станува збор за пица. Првиот е Занзибар, кој таа вечер едноставно не ми беше патем, но затоа на мојата траса беше мојот друг фаворит – Пелистер. Еден од најстарите и најдобри ресторани во центарот на градот, со топла атмосфера, професионална услуга и одлични пици…би требало да додадам – „секогаш“, но не беше така.

Одбрав пица „Куриоза„ со бјанко сос, свежа моцарела, пршут, рукола, пармезан. Изгледаше фанатастично, но за жал, беше недопечена.

Убавата девојка која не служеше беше навистина љубезна и ни понуди да ја допечат. Се разбира, не се согласивме. Тестото личеше на тортилја која и така не треба да биде допечена. Но ова беше пица! Ако се ставеше да се допече дното, тогаш врвот ќе се истопеше и раскашавеше. Двојна штета! Затоа, а првенствено затоа што бевме гладни, одлучивме да ја изедеме токму таква, недопечена. Плативме и си заминавме.

Еден ресторан за кој со полна уста велиме дека е еден од најдобрите, не смее да си дозволи да нуди храна која нема да има стандардизиран и секогаш еднаков вкус, туку ќе се случува еднаш да добиете совршена, а веќе следниот пат – недопечена пица.

Инаку, тестото на оваа пица го паметам како воздушесто и вкусно, со одлични комбинации кои и тоа како знаат да ги заскокоткаат непцата на гастрољупците.

Драгица Христова