Во кујна со Толстој, Гогољ и Пушкин

Славните руски писатели, освен со перото, биле вешти и во кујната. Така барем велат во книгата на Ељдар Оруџев „Харинга со телешко, книга за храната, писателите и рецептите“.

0
292

Руската книжевност може да ве научи многу за животот во 19.век, за убавите манири и убавите жени. Но ќе ве научи и да готвите!

Компир а ла Пушкин

„Јас јадам печени компири како некој Мајмиста (застарен прекар за сите балтичко-фински народи), а ровити јајца како Луј XVIII. Тоа е мојата вечера“, ѝ пишувал Александар Пушкин на својата сопруга Наталија.

Во неговиот рецепт за печени компири можете да уживате и вие. Сварете ситни компири, излупете ги и испржете ги на путер со зачини, сол и црн пипер.

Овој рецепт, како и слика на Пушкин можете да најдете во книгата на Ељдар Оруџев „Харинга со телешко. Книга за храната, писателите и рецептите“.

„Оваа книга се родила случајно. Наидов на рецепт за крупеник и ме изненади тоа што ова едноставно јадење на традиционалната кујна не е популарно, па почнав да го проучавам тоа прашање “, вели Ељдар за Russia Beyond. Авторот подоцна одлучил да напише книга со рецепти како подарок за своите пријатели, а потоа и за пошироката публика.

Крупеник од семејството на Лав Толстој

„Крупеник може да се јаде и топол и ладен“, вели авторот. „Може да се приготви и без фил, на различни начини: како десерт (со суви кајсии или грозје) или со зеленчук. Едноставен е за приготвување, а можете да го направите и во калап. Крупеник се прави од хељде која е многу здрава, но можете да користите и било која друга житарка.“

Состојки:

600 г хељда

Млеко

6 јајца

200 г урда

1 лажичка шеќер

Сол

100 г путер

Приготвување:

Сварете ја хељдата во млеко, додадете малку шеќер и сол и оставете да се олади. Потоа додадете јајца и свежа урда. Сѐ помешајте, ставете во  калап, премачкајте го горниот дел со путер и печете во претходно загреана рерна (на 180 °C) 20 минути.

Напијте се како Гогољ

Книгата содржи неколку редови од писмото на Гогољ до неговиот вујко: „Вие не ги знате сите мои доблести. Знам некои занаети: добар кројач сум… работам во кујната и се разбирам во готвење…“ Потоа следува рецепт за коктел Гогољ-Могољ. Направете го и вие!

Сoстојки:

600 мл козјо млеко

кора од пола лимон

50 г шеќер

1 Белка

50 мл темен рум

100 мл вињак

Прстофат цимет

Приготвување:

Загрејте го млекото во лонец со лимон, шеќер и цимет. Кога ќе проврие, брзо тргнете го од ринглата. Додека мешате, додадете ги во смесата белката, румот и вињакот. Послужете врело.