Вчера и денес во рамките на фестивалот ICE 2017 ( INNOVATIVE CULINARY EXPERIENCE) кој се одржува од 2 до 8 октомври во Винарија Камник, шефот Родриго Дуранд Серда од Чиле одржа мастер клас обука на која со македонски производи презентираше иновативно готвење на чилеански и на перуански начин.
Учесниците на овој фестивал кој за првпат се одржува во Македонија, а кои воедно ќе бидат и дел од првата академија за готвење во Македонија ексклузивно добија рецепти за трите приготвени и презентирани јадења, како и совети и насоки од врвниот шеф Дуранд.
Родриго Дуранд Серда е уште познат и како „Шефот Дуранд“. Потекнува од Чиле, а негова најголема желба е чилеанската кујна да ја направи светска.
Член е на голем број престижни гастрономски институции и асоцијации низ светот, и е добитник на многу златни и сребрени медали. Патувал и работел во 24 земји, кадешто го пренесувал своето огромно гастрономско искуство.
Учествувал и во создавање на книгата „Gastronomy Patagonia, Region of Los Ríos, Los Lagos and Chiloé”, која била одбрана за најдобра гастрономска книга, во конкуренција од 30.000, номинирани од 163 земји. Бил мастер шеф во многу врвни ресторани низ Чиле, како и во Австралија. Дуранд е основач и директор на „Eat and Beat” – авангарден музичко гастрономски проект. Со проектот бил на гастрономска турнеја во повеќе од 12 градови во Европа.