Во чест на Божоле нуво, доделени награди за најдобрите млади вина

„Гран при“ на натпреварот освоија Стојан Илиев за розе виното од сортите „сирах“ и „мускат хамбург“ и Зоран Којчев за „вранец“.

0
397

Здружението на винари на Македонија синоќа во Кавадарци ги додели наградите за најдобри млади вина произведени во домашни услови, во рамките на манифестацијата посветена на младото вино, која се одржа по четврти пат. Изборот е во чест на празникот на млади вина „Божоле нуво” кој се слави во многу земји во светот, секој трет четврток во ноември.

„Гран при“ на натпреварот освоија Стојан Илиев за розе виното од сортите „сирах“ и „мускат хамбург“ и Зоран Којчев за „вранец“.

Претседателот на Здружението Игно Тасев изрази задоволство од рекордниот број од 70 учесници во натпреварот.

„И покрај тешките услови оваа година што ги имавме за производство поради временските услови, вината се со зголемен квалитет во однос на минатата година. Оценувањето беше од страна на стручна комисија од осум енолози. Мислам дека сите учесници се задоволни, а доказ за тоа е фактот што секоја година имаме зголемен интерес за еден ваков настан. Индивидуалните производители на вино ги прифаќаат наште сугестии и квалитетот на нивните вина постојано расте“, рече меѓу другото Тасев.

Заменик претседателот Елена Богева информираше дека сите учесници добија ваучери за консултантски услуги и анализи за нивните производи од фирма која е генерален спонзор на Здружението.

Во изјава за медиумите, Илиев рече дека му е чест да добие награда во голема конкуренција.

Во натегоријата бели вина, прво место освои Влатко Митровски со неговиот „ризлинг“.

„Трета година како се натпреварувам, првата година не освоив награда и сега со малку повеќе искуство дојдов и до првото место. Традицијата за производство на вино најпрво ја почнал татко ми, сега ние ја продолжуваме и се стремиме кон се подобар квалитет“, нагласи тој.

Петре Пешков во категорија за црвени вина освои злато за неговиот „вранец“, а во категоријата за бели вина доби „сребро“ за неговата смедеревка. Нагласи дека за да се произведе добро вино треба квалитетно грозје, но и желба да се работи.

„Тие две работи ако се спојат, не е тешко да се направи добро вино. Овие награди се мотивација и понатаму да продолжиме да произведуваме квалитетни производи од грозје“, рече тој.

Најдобрите вина добија и соодветни награди од фирми кои ја поддржуваат работата на Здружението на винари на Македонија.

Дегустацијата и оценувањето беше во просториите на дисперзираните студии на Земјоделскиот факултет во Кавадарци, при Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип.

На најдобрите винари, наградите им ги додели заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Власте Димковиќ.