Владо Георгиев: Наместо македонски специјалитети, ми нудат фенси храна

0
1804

Славниот освојувач на женски срца, српскиот кантавтор и пејач Владо Георгиев кој на 18 февруари во арената „Борис Трајковски“ ќе има заеднички концерт со неговиот хрватски колега Тони Цетински, е чест гостин во Скопје па во последните две години, ова е веќе втор негов голем концерт.

Кога доаѓа во Скопје сака да јаде македонски специјалитети, но во последно време, вели, откако кај вас се отворија многу фенси ресторани, се потешко наоѓам во понудата нешто македонско, изворно, затоа што јас сакам да изедам нешто ваше, а тие ми нудат италијански сирења и суши.

Во Парк Хотел и Спа, кадешто е сместен овојпат, Владо за првпат проба рижото со цвекло што со задоволство му го подготви готвачката од хотелот, која иако призна дека повеќе сака да слуша рок, е сепак негов голем фан.

Инаку, омилено од македонската традиционална храна му се пастрмајлиите.

Не се изјасни каде ја јадел најдобрата за да не му се налутат другите, но во принцип, вели, секаде е фантастична.

Што се однесува до неговиот вообичаен начин на исхрана, најмногу сака риба и вели дека би ја јадел секојдневно доколку во Белград, кадешто живее, би можел секој ден да наоѓа свежа риба. Ова, се разбира, не е проблем во неговиот Херцег Нови па кога е таму, буквално секој ден е на риба за главно, и свежи морски плодови како предјадење.

И самиот добро се снаоѓа во кујната, а специјалитет му се тестенините.

„Кога ми доаѓаат гости, најчесто подготвувам паста, имам многу зачини и разни додатоци и навистина правам одлична паста. Пред некој ден за моите гости направив и рибја паштета од туна и лосос. Прво треба да се обари месото па да се олади, затоа што кога е топла рибата само ќе се згмечи во блендерот и паштетата ќе биде лоша. За да добијам густина ставам малку кус кус, а понекогаш и интегрален ориз. Се става и ситно сечкан црвен кромид, лук маслиново масло и зачини, мајоран, оригано, ворчестер сос, чили, соја, а ако некој сака да ми прави друштво за пикантната верзија, додавам и мелено чили и толчена пиперка. Штосот е во дозирањето. Ако паштетата веднаш се јаде, сакам да ставам и една жолчка, по можност од препелица. Одлично спремам и месо и сум многу добар грил мајстор, а за комплицирани јадења од типот на сарми и полнети пиперки, едноставно немам време. Тие се јадења што треба да ги спремаат жените“, вели Владо.

Кога станува збор за здрава храна, се труди да јаде одбрана храна, да не јаде мрсно и премногу калорично. Не јаде специјалитети од типот на пача, а од изнутрици јаде само џигер. Вели дека не му делуваат привлено на изглед шпа никогаш не добил желба да ги проба.

Појадокот обично го прескокнува затоа што обично нема време, но се труди да руча порано и неккао да компензира. Благо јаде исклучително ретко, но затоа вели, многу сакам пиво и секако, вино, во зависност од храната што ја јадам. Од македонските, омилени му се вината на Тиквеш и на Камник. Редовно тренира и така ја одржува кондицијата што му е потребна за концертните настапи.

„Во последно време малку се опуштив но сега се враќам во форма. Мора да се тренира, па јас практикувам брзо одење, вежбање во теретана, а кога е убаво времето, моите активности се надвор“.

Најдобра риба јадел во Шпанија, месо во Америка, најдобра паста – во Џенова.

„Тоа ја потврдува старата изрека дека секаде треба да се јадат локалните специјалитети и локалната храна и тука не може да има грешка“, вели тој.

Инаку, Владо се согласува со својата колешка Северина дека Петар Грашо е најдобар готвач меѓу пејачите и самиот се уверил во ова. Сепак, тој нема амбиции за водење на ресторан и кога веќе нешто би решил да отвори, тоа би бил хотел.

Текст: Драгица Христова