Винодонија 2018: Повеќе од 300 вина од над 40 винарии од земјава и странство

На 23 и 24 ноември, на старото место, во хотел „Мериот“, средба со 40 домашни и странски винарии и 10 гастро изложувачи на третиот по ред Скопски вински салон кој веќе прераснува во традиционален.

0
282

Третиот по ред Скопски вински салон – Винодонија 2018, симболот на винската култура и најзначајниот вински настан во Македонија, организиран од група вински ентузијасти, под покровителство на Здружението на сомелиери на Република Македонија, стартува утре (23.11) во Хотел Мериот.

На настанот ќе имаате можност да дегустирате повеќе од 300 вина од над 40 винарии од земјава и странство кои ќе бидат изложувачи на Винодонија 2018. Покрај дегустација на вино, ќе има и дегустација на најразлични домашни и увозни сирења, сувомесни производи, маслинови масла, како и работилници (специјални, ексклузивни и мастер клас дегустации), предавања, спарување на вино и храна, ексклузивна гала вечера и слично.

На пример, од Нимис, Италија доаѓа Габриеле Тами, познат енолог кој својот вински пат го има изодено работејќи низ винариите во Бордо, Нов Зеланд и Тоскана. Во рамките на Винодонија е неговото предавање за почвата, климата и автохтоните сорти на Фриули, познат како италијанско царство на белите вина, а ќе се дегустираат и карактеристични 6 вина од овој познат италијански регион.

Александар Вучковски, сомелиер и дел од организацијата на „Винодонија“ ќе одржи работилница посветена на пенливите вина како посебна категорија која отсекогаш била привлечна за винските љубители. Меѓу пенливите вина кои ќе бидат дегусрирани во рамките на оваа работилница и познатите шампањ куќи Moet & Chandon и Veuve Clicquot.

Убаво е да се научи нешто повеќе и за сомелиерството како професија или животен стил, што е тема на едукативната работилница со Петар Величковиќ, сертифициран сомелиер со диплома од реномираната школа Court of Master sommelier.

Работилницата која ќе ја води искусниот сомелиер Дејан Живковски, претседател на Здружението на сомелиери на Србија, ќе биде посветена на најдобрите вински региони на соседна Србија, климата, тероарот и дел од тамошните локални вински приказни. Интересна е и темата на едукативната работилница водена од професор Д-р Михаил Петков од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје од кој ќе дознаеме за незаменливото место на квасецот во целокупната винска приказна, видовите квасци, нивната типологија, потекло и функција, а сето тоа ќе биде проследено со споредбена дегустација на вина кои се направени со различни квасци и на вина без употреба на селектирани квасци.

Картите за Винодонија 2018 ќе можат да се купат на самиот влез, пред почетокот на настанот по цена од 500 денари, за секој ден посебно. Со тоа имате можност да дегустирате над 300 етикети на квалитетни вина од околу 40 домашни и странски винарии и закуска од над 10 гастро изложувачи.

Фото: Pixabay