Група на хумани граѓани, традиционално пред Велигден собира донации за најзагрозените фамилии, со цел како што велат, барем малку да им го разубават најубавиот и најголем христијански празник.
„Ајде Македонијо, да се обединиме! Се приближува нашиот најголем и најубав празник Велигден, празник кога сите заедно со нашите семејства седнуваме на трпеза и го славиме Христосовото Воскресение. Празник кога нашите деца ќе трчаат, ќе се смеат, ќе се кршат со јајца, ќе се радуваат…. За жал ова нема да биде во сите домови. Има многу семејства кои се тажни поради тоа што немаат ниту леб да стават на маса за празникот, а камо ли нешто повеќе. Повеќето од овие семејства се со деца, деца кои за жал се предвреме пораснати, доволно за да знаат дека нема да има шарени јајца, нема да има месо, нема сокчиња, нема благо, нема ништо. За нив Велигден, ќе биде обичен ден како и секој друг поминат во немаштија.
Една мајка што живее во соба во подрум, се нервира дека три дена нема да оди по куќи да чисти, затоа што не знае како ќе се прехранат тие денови, а камо ли да слави. Еден дедо ќе седи гладен како и секој ден, бидејќи извршители му ја земаат пола пензија. Едни родители повторно ќе бидат тажни затоа што ќе ги слушаат празните стомачиња на своите деца како кркорат затоа што се гладни. Една девојка наместо да излезе, ќе седи дома сама без струја на празна маса. Овие луѓе веќе ни солзи немаат во очите, го преплакаа целиот живот, остарени предвреме, гладни и сами…
Се трудат да ја зачуваат онаа трошка достоинство што им останала. Ние ќе подготвуваме гозби, а тие душички, ќе треба да седат на празни маси, сами, гладни и заборавени од сите.
Никој не заслужува да седи гладен за Велигден! Затоа да станеме сите! Да купиме сите заедно по нешто за трпезите на овие луѓе, да не оставиме никого да гладува. Организирајте се во сите градови, имаме време до недела да им ја вратиме насмевката барем во овие празнични денови.
Во Скопје, донациите се собираат секој ден во Нано Бар (Дебар Маало) до 6-ти април. Може да донесете табли јајца, бои, стикери, велигденски украси. Донесете храна, сокови, чоколади, продукти кои што се потребни за готвење…
Ајде да бидеме хумани и овој Велигден да им ги стоплиме срцата на тие што им е најпотребно!“