Ис(в)куси ја Македонија

0
420

Денеска почна дводневниот саем за традиционална храна и активен туризам „Ис(в)куси ја Македонија“ што се одржува во „Рамстор Мол“. Во делот за традиционална храна се нудат преку 30 производи од рурална Македонија кои се ретко достапни во главниот град. Тука, на штандовите на производителите од внатрешноста можат да се пробаат познатиот крушевски локум за кој можете да се уверите, му нема рамен, но и домашни џемови, слатка, ајвар и лутеница, вино и ракија од малите тиквешки винарии, но и домашно пиво и пита од село Дихово. Во делот за активен туризам пак, исто во рамките на саемот, по намалени цени се се нудат повеќе од 30 активни тури низ цела Македонија, меѓу кои, посети на Кокино, тандем параглајдинг во Крушево, јавање коњи во Галичник, планински велосипедизам во Мариово и многу други.
Инаку, дводневниот саем за традиционална храна и активен туризам „Ис(в)куси ја Македонија“е организиран од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, во соработка со Рамстор Мол и Локалните акциски групи од пелагонискиот, вардарскиот, полошкиот и североисточниот плански регион.
„Денешниот саем е последната активност на Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси. Бизнисите кои ги поддржуваме и се денес тука како изложувачи го нудат најдоброто од руралните предели на Македонија во Скопје – традиционалната храна, недопрената природа и авантурите кои таа ги овозможува“, изјави директорот на УСАИД во Македонија, Џејмс Стаин.
За посетителите, саемот е прилика за запознавање на руралните предели од Македонија преку нивната храна, природа, култура и авантури. За малите бизниси кои ќе ги изложуваат своите услуги и производи, овој саем е можност за пристапување до поширок пазар и за зголемување на продажбата.