Три шолји кафе дневно за подолг живот

0
569

Можеби најдобра демонстрација за влијанието на кафето ширум светот се случила неодамна во Пекинг, престолнината на земјата на чајот – Кина, во кој американскиот синџир на кафетерии „Старбакс“ ја отворил својата најголема продавница која се простира на 2700 квадратни метри и вработува повеќе од 400 луѓе.

Популарноста на продавницата не е поврзана само со здравствените придобивки на кафето, но новата студија секако вели дека се тие неспорни.

„Постојат некои здравствени придобивки како што е помал ризик од смрт заради срцеви заболувања и мозочен удар и помал ризик од самиот развој на болести на срцето. А за такви резултати, максимална корист носат три до четири шолји кафе дневно“, вели Робин Пули од Универзитетот „Саутемптон“.

Анализирајќи ги податоците од повеќе од 200 претходни студии за влијанието на кафето, истражувачите востановиле дека консумирањето кафе исто така го намалува ризикот од развој на дијабетес, болести на црниот дроб, деменција и дури и некои видови на канцер.

Единствен исклучок се трудниците и луѓето склони кон преломи на коските. Меѓутоа, научниците истакнуваат дека истражувањето се однесувало само на користа од кафето, не и на се што оди со него.

Новото истражување потврдило дека кафето е добар напиток за здравјето, но некои од другите навики поврзани со ритуалот на пиење кафе, не се.

„Не се однесува на шеќерот, кексите, тортите и пецивата. И ние ги повикуваме луѓето кои веќе редовно пијат умерени количини кафе (3-4 шолји дневно), да уживаат, но да се трудат да го прават тоа што е можно поздраво, затоа што вообичаените здравствени препораки и натаму се однесуваат на тие работи“, наведуваат авторите на студијата.

Најголемата придобивка била во борбата против болестите на црниот дроб, па истражувачите планираат клинички тестови за употребата на кафето како третман за цироза на црниот дроб.