Годинава за најдобри три ресторани се избрани „Фиш“, „Lyra“ (Лајра) и „Рагуза“, најдобри три гостилници се „Дукат“, „Срна“ и „Канцона“, а најдобри во категоријата кафе барови се „Скај бар Русија“, „АБЦ кафе бар“ и „Баду бар“.
Град Скопје традиционално во соработка со Агенцијата СВОТ ДООЕЛ- Скопје, го реализираше проектот за избор на Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите, а годинава за првпат се избираа и трите најдобри кафе барови на подрачјето на град Скопје.
Проектот Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите се спроведува по деветти пат, а плакетите на најдобрите, денеска им ги врачи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Тајните купувачи, ангажирани од SWOT Research ги завршија трите обиколки на 100-те угостителски објекти, како и 70-те кафе барови кои по случаен избор влегоа во трката за „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите 2016“ и избор на најдобро кафуле, по што следеше сумирање на резултатите, од кои ќе произлезат заклучоци и препораки за подобрување на услугата во иднина. SWOT Research преку својата мрежа на тајни купувачи ги оцени 50-те ресторани, 50-те гостилници и 70-те кафе барови, според примарните критериуми: прв контакт, хигиена на објектот, тоалет, амбиент, услуга на келнерите, општа услуга, квалитет на храна (само за ресторани и гостилници) и завршен контакт, врз основа на кои тајните купувачи по направената евалуација изготвија извештаи кои се изработени по одредените критериуми. Кај рестораните е забележан највисок резултат во споредба со претходните 8 години. Според оценките најдобрите три ресторани, три гостилници и три кафе барови ќе добијат признанија за својот квалитет и престиж.
Кристијана Ивановска Доревска од Агенцијата СВОТ ДООЕЛ- Скопје, што го спроведува истражувањето, рече дека годинава во текот на истражувањето коешто се спроведе во периодот од 1 до 30 септември за кафе баровите и од 1 до 31 октомври за рестораните и гостилниците, биле опфатени 50 ресторани, 50 гостилници и 70 кафулиња на територијата на Скопје. Спроведени биле вкупно 300 посети на гостилниците и рестораните, а во кафулињата имало 210 посети, односно секој објект бил посетен 3 пати.
Според истражувањето, од вкупно 100 угостителски објекти, 16 гостилници оствариле високи над 90% и 24 ресторани, и годинава ниту еден угостителски објект не забележал ниски резултати, односно под 50 %.
Кога станува збор за кафулињата резултатите од истражувањата се со сегмент на средни, односно само едно кафуле остварило високи резултати над 90%, но радува фактот што нуту едно кафуле не остварило низок резултат, односно под 50%.
Како и изминатите години се оцениваа следниве стандарди:
– прв контакт (поздравување и упатување кон местото на седење, приоѓање на келнерот, поздравување);
– хигиена на објектот (чистота на простор, маси, чарчафи, столови, прибор, мени);
– тоалет (хигиена на простор и санитарии, бришачи за раце, заклучување);
– амбиент (осветлување, температура, миризба, музика);
– услуга на келнери (љубезност, проактивност, посветеност, однесување);
– општа услуга (асортиман,адекватно послужување, време на услужување, издавање фискална сметка);
– квалитет на храна ( свежина, количина, вкус)-само за рестораните и гостилниците;
– завршен контакт ( заблагодарување и отпоздравување).
Резултатите од истражувањето беа јавно презентирани пред угостителите во форма на заклучоци и препораки за подобрување на услугата во иднина.
Проектот за избор на Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите произлегува од Програмата за финансирање на проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје за 2016 година.