Тафталиџанскиот петел ги буди и малите тафталиџани

Фотографијава на гордиот „тафталиџанец“ е авторско дело на соседот во чиј двор најчесто престојува господинот петел...спие на нивното дрво, а накај 2 ноќе паѓа од истото и го буди цело маало. Ало, Зоолошка, да не е ваш?

0
739

Конечно сонце! Мојата слатка мала сосетка уживаше во дворот со татко ѝ кој ја лулаше на лулашката.

Таа и нејзиниот татко се дел од семејството кое живее отспротива, оние во чиј двор е дрвото по кое скока тафталиџанскиот петел. И нормално, во последно време петелот е неизбежна тема во нашите комшиски муабети.

„Како спиете, нели ви пречи кукурикањето на петелот?“, ги прашав јас, а таткото на девојчето, ми одговори: „Како не ни пречи, нас под прозор ни кукурика“. Малечката се придружи на муабетот: „Тука стоеше, еве тука, а еднаш беше и на покривот“, покажува таа со малото прсте.

И навистина, еве и фотографија како доказ: „лепотанот“ исправен во зора на нивниот покрив.

А овие соседи му ја знаат веќе и цела маршрута…

„Се плаши од мачките, па спие на дрвово, ама накај 2-3, кога е во длабок сон, паѓа од гранката и кога ќе тресне, почнува да „вреска“ на целиот глас …е тоа е најгласниот период кога веројатно и вам најмногу ви пречи“, објаснува соседот. Од најпрва рака!

Според него, можно е овој петел да е побегнат од Зоолошката градина, а толку е голем, силен и брз што нема шанси да го уловиме…веројатно, вели соседот, станал толку силен бидејќи цела зима ја помина надвор, скокајќи од гранка на гранка, па дури и преку оградата која и не е баш ниска…напротив, прилично е висока.

И така…Петелот најверојатно нема сопственик и ќе си остане во маалово уште долго. Еве ние, заеднички и добрососедски апелираме до Зоолошката градина, доколку утврдат дека им недостасува еден петел, тоа е гарант овој „нашиов“ тафталиџански петел.

Земете си го назад! На крајот на краиштата, греота за петелот кој скокајќи наоколу стана вистинска циркуска атракција, а не е чудно на крајот да скокне во лонецот на некој ненаспан, истоштен тафталиџанец.

„Толку е голем, што може од него да се направи чорба за целата улица“, се шегува соседот.

А петелот си молчи некаде и собира сила за ноќеска.

Не чека уште една бессона раскукурикана ноќ!

Фото: Александар Манчевски