Собрани 1200 кг отпадно масло преку еко-хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“

Еколошката свест кај граѓаните постојано расте и секојдневно добиваме нови активни собирачи на отпадно масло, велат од Суниленс, првата овластена компанија од страна на Министерството за животна средина за управување со отпадни масла за јадење

0
158

„Од мај 2017. година граѓаните во Македонија имаат можност да го собираат отпадното масло кое им останува при подготовка на храна во нашите 3 литарски кантички наменети за еколошко постапување со овој отпад. Откога ќе се наполни кантичката, домаќинствата не контактираат и нашиот тим ја подига собраната количина на отпадно масло и врши директна достава на нови и чисти садови до секој собирач.

Притоа, за секои собрани 3 литри отпадно масло доделуваме 0,5 литри сончогледово масло како додатна мотивација за граѓаните. Секој собирач добиеното сончогледово масло може да го задржи за себе или да го донира преку ЗГ „Љубезност“ до социјално загрозени семејства во рамките на акцијата „Рециклирај и донирај“. Интересот кај граѓаните постојано расте и секојдневно добиваме нови активни собирачи на отпадно масло“, вели Андреј Ѓокиќ, менаџер во „Суниленс“, првата овластена компанија од страна на Министерството за животна средина за управување со отпадни масла за јадење.

Каде го фрламе искористеното масло при готвењето? Најчесто во мијалникот или во одводните цевки. Ваквиот пристап може да предизвика затнување на канализационите системи, по што еколошкиот проблем станува уште поголем. Доколку отпадното масло се меша со комуналниот отпад се зголемува ризикот од негово протекување и загадување на почвата и водите. Веројатно сите сме свесни и дека повеќекратното користење на употребените масла за готвење е штетно по нашето здравје.

Еколошката свест се гради со создавање на услови и системи за собирање и селектирање на отпадот кои се лесно достапни до граѓаните. Главната цел на новиот систем за собирање на отпадно масло од домаќинствата и еко-хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“ е да ги мотивира граѓаните да применуваат еколошки практики кои позитивно ќе влијаат на нашата животна средина.

Позитивните еколошки резултати од новиотсистем за собирање на отпадно масло од домаќинствата  се веќе видливи:

Досега, во акцијата се вклучени над 1100 домаќинства низ цела Македонија; собрани се 1.200 кг отпадно масло, а донирани се 100 литри сочогледово масло за социјално загрозените семејства.

Успехот од реализацијата на овие еколошки практики покажува дека населението во Македонија позитивно реагира на можноста за континуирано селектирање, собирање и предавање на отпадното масло во сертифицирани системи за управување со овој отпад. Полека но сигурно, еколошките навики се создаваат кај граѓаните.

Воспоставување на стабилен и одржлив систем за управување со отпадот од домаќинствата подразбира континуирана едукација и директна комуникација со населението во поглед на предностите од еколошкото постапување со отпадот кој го создаваат и негово понатамошно рециклирање. Наместо отпадното масло неконтролирано да се фрла во природата, тоа се собира и преработува во секундарна еко суровина, која понатаму се рециклира во еколошко биогориво.

Со ваквите еколошки навики и принципи, се приближуваме до европските земји каде циркуларната економија на рециклирање на отпадните суровини е нормална практика во општеството.

Доколку сакате да се приклучите во „Рециклирај и донирај“ и да добиете соодветна кантичка за собирање на отпадно масло, пополнете ја следнава контакт форма или јавете се на070 264 444; 02/2650-100 или 02/2650-600.