Сништа за пишување заробени во кујнските ѕидови

Елајза Лесли е авторка на најпознатата книга на рецепти за колачи и торти во 19.век. Интересно е дека во нејзиниот „готвач“ од 1828.година првпат се употребува терминот капкејк (cup cake), кој настанал благодарение на најчесто користената алатка за мерење на состојки во кујната на Елајза – шолјичката за чај (teacup). 

0
182

Можеби никогаш немала своја кујна, но тоа не ја спречило Американката Елајза Лесли својата интелигенција и талент за пишување да ги спои со она на што ја принудиле животните околности – со готвењето. Така настанала една од најпознатите и најстарите книги за слаткари.

Сакала да биде писател, а да не била таа, американските рецепти за торти и колачи сигурно би изгледале поинаку отколку што изгледаат денес. Елајза Лесли е авторка на најпознатата книга со рецепти за торти и колачи од 19.век.

Наспроти фактот дека никогаш не била професионална готвачка, деветте книги со рецепти кои ги напишала Елајза Лесли оставиле значајна трага во американската историја и општество. Покрај рецептите авторка е и на влијателната книга „Прирачник за дами со перфектна отменост и совршени манири“, како и на дела од областа на локалниот менаџмент

Родена е во Филаделфија, на 15.ноември 1787. година. Од пет деца, Елајза била најстара. Од секогаш важела за интелигентно дете со голем апетит за чиање. Нејзините соништа за тоа еден ден да стане писател ги поттикнал нејзиниот татко – саатчија, иноватор и интелектуалец чии пријатели биле Бенџамин Франклин и Томас Џеферсон. Еднаш напишала дека сон од детството ѝ бил да го види своето име отпечатено на некоја книга.

За жал, бизнисот на нејзиниот татко пропаднал на почетокот од 19.век и тој набрзо умрел, во 1803. година. Семејството едвај составувало крај со крај, а бидејќи Елајза била најстара, нејзина била обврската да ѝ помага на мајка си во кујната. За да го совлада кулинарството, одела во училиштето на госпоѓа Гудфелов во Филаделфија. Тоа е воедно и прво кулинарско училиште во Соединетите Американски држави.

На поттик од својот брат, откако ги собрала сите рецепти кои со години ги собирала од пријателите и од членови на семејството, во 1828.година ја составила својата прва книга „Седумдесет и пет рецепти за колачи, торти и слатки“.

Интересно е дека во „готвачот“ од 1828.година првпат се употребува терминот капкејк (cup cake), а настанал благодарение на најчесто користената алатка за мерење на состојки во кујната на Елајза – шолјичката за чај (teacup).

Овој готвач е печатен одново и одново. Елајза, охрабрена од тој успех и од страна на својот издавач, решила да се посвети на пишување на она што од секогаш ја привлекувало, а тоа била фикцијата. Во овој жанр постигнала наградувани успеси со своите кратки раскази. Тие биле наменети првенствено на помладите читатели. Нејзината хумористична приказна „Госпоѓица Вашингтон Потс“ („Mrs. Washington Potts”), била објавена во популарнoто списание во 19.век Godey’s Lady’s Book, кадешто Елајза работела како асистентка на уредникот.

Во тоа време Елајза била ангажирана во уште неколку списанија, а еден од критичарите нејзините раскази ги окарактеризирал како „совршени дагеротипии на реалниот живот“.

Колку и да ја сакала фикцијата, морала набрзо да најде нешто од што ќе може да преживее, па така настанала и другата книга „Локален француски готвач“ во 1832.година. Набрзо потоа следувал врв на нејзиниот успех со „Упатствата за готвење“ од 1837. Година. Оваа книга набрзо станала омилен готвач во 1800.години (продадена е во барем 150 илјади примероци и доживеала 60 изданија до 1870. Година.

Специфичноста на содржината на нејзината најуспешна книга е во малите кулинарски вистини за состојките, кои, од лично искуство ги споделила со своите читатели.

Со заслуга на Елајза рецептот за чоколадна торта за првпат се нашол во печатена форма. Додека чоколадото се користело во кујните во Европа уште од 1600.година, за оригиналниот рецепт кој е објавен во Седумдесет и пет рецепти, се смета дека потекнува од професионален слаткар од Филаделфија. Рецептот не е ниту сличен на другите реепти за чоколадни торти – содржи ноти од пикантни и силни зачини и е слика и прилика на периодот кога американската кујна лудувала по мускатно оревче.

Историчарите сметаат дека личноста на Елајза е значајна затоа што дала рецептура за мобилизација на културата и раѓањето на единствен американски идентитет. За своите рецепт истакнувала дека се во секоја смисла американски, иако некои водат потекло од странските кујни. Тонот со кој пишувала не бил наративен, како што е тоа случај со денешните книги на рецепти, туку бил организиран врз основа на употребуваните состојки во јадењата. Вистинското богатство на нејзините рецепти се огледувало и во очите на младите жени кои во првите моменти од животот одвоен од своите мајки, допрва учеле да готват следејќи ги рецептите и упатствата на Елајза.

Животот на Елајза поминал без сопствен дом и кујна. Никогаш не се мажела, а рецептите за кои пишувала често ги тестирале други наместо неа. Извесно време поминала живеејќи со брат ѝ Томас кој тогаш бил студент. Другиот брат, Чарл, бил реализиран уметник во Англија. Нејзината сестра Ана исто така била уметница, а другата сестра Пети, била мажена за познат издавач кој издал и некои од книгите на Елајза. До крајот на нејзиниот живот Елајза живеела во хотел во Филаделфија, кадешто на неа се гледало како на славна личност. Починала на 1.јануари во, 1858. година.

Многу од рецептите кои денеска се наоѓаат на интернет потекнуваат од нејзините книги и биле водичи за многу генерации на готвачи-почетници.

Фото: Wikimedia commons