Слаткото од дива смоква на пат да стане втор заштитен традиционален производ

По охридската цреша која е засега единствен македонски производ со заштитена географска ознака, слаткото од дива смоква од југоисточниот регион е најсериозен кандидат да влезе во процедурата за заштита на производот со географска одредница.

0
469

Денеска во Скопје на конференција посветена на ознаките за квалитет на земјоделските и прехранбените производи во организација на Слоу Фуд Битола, Еко Росалес и Слоу Фуд Водно се зборуваше за заштитата на традиционалните и природни производи со трите главни ознаки за квалитет во ЕУ. Станува збор за заштитената ознака за потекло – ЗОП, за заштитената географска ознака – ЗГО и за гарантиран традиционален специјалитет ГТС.

Заштитените називи ЗОП и ЗГО имаат силна географска поврзаност. Тие им нудат драгоцена помош на потрошувачите кои посакуваат земјоделско-прехранбени производи со јасно дефинирано потекло и квалитет. Ознаката ГТС е заштитено име за производи кои содржат традиционални суровини, се произведуваат на традиционален  начин или пак имаат традиционален состав.

Засега, единствен македонски производ заштитен со географска ознака е охридската цреша, а според учесниците на конференцијата, најсериозен кандидат за да влезе во процедура да се заштити со географска одредница е слаткото од диви смокви кое се произведува во југоисточниот  регион.  Повеќето од неговите производители се членови на здружението Еко Росалес, а слаткото е и првиот Слоу Фуд президиум од Република Македонија, на светската листа на еколошки чисти производи на меѓународната фондација „SLOW FOOD“.

Заштитата на традиционалните прехранбени производи од Македонија, и пошироко, од регионот има цел да се заштити руралното наследство, но и да се поддржат малите – семејни производители. На конференцијата беше објаснет процесот неопходен за воведување на географските ознаки.

Во ЕУ се заштитени повеќе од 1500 традиционални производи од кои со заштитена ознака за потекло се 630, со заштитена географска ознака се 830, а како гарантиран традиционален специјалитет – производи. Како водечки земји се Италија и Франција со повеќе од 300 производи по земја. Според последните податоци, вкупната вредност на трговијата со овие производи на ниво на ЕУ изнесува 54,3 милијарди евра. Во нашите соседни земји, кои се членки на ЕУ, заштитата на производите се спроведува на ниво на ЕУ. Овие земји имаат заштитено повеќе производи и тоа: Хрватска има заштитено 12 производи со ЗОП и 7 производи со ЗГО, Словенија 8 со ЗОП, 13 со ЗГО и 3 производи со ГТС, додека Бугарија само еден производ со ЗГО и 5 производи со ГТС. Во Европската Унија постојат разлики во цените на производите со заштитени ознаки во однос на оние кои немаат заштита, така во Франција за сирења цената е повисока за околу 30 отсто, а за вината до 230 отсто. Обично сирењата и млечните производи кои се со заштитена ознака имаат повисока цена за повеќе од 2 евра.

Во Република Македонија во моментов е заштитен само еден производ со ознака за ЗГО и тоа Охридската цреша. Постојат иницијативи за заштита и на други производи како на пример: Мариовски мед, Беровски компир, Беровска слива, Кривопаланечки компир, Преспанско јаболко, Бистра Бело саламурено сирење, Бистра кашкавал, Дебарско сирење и други, но за жал, поради различни причини регистрацијата на овие производи сѐ уште не е започната.

Автохтоните заштитени производи може да имаат позитивно влијание врз социо-економскиот развој кај целокупната локална заедница и тоа:

Со зголемената продукција се отвараат нови работни места и се спречува руралниот егзодус; производителите добиваат високи цени за нивните производи нудејќи им на потрошувачите гаранција за производствените методи и квалитет; зголемена вредност на регионот на потекло, идиректни позитивни ефекти како што е развојот на туризмот. Со заштитата на производот се заштитува традиционалниот начин на производство (свтентични, специфични, различни производи, различни вкусови), се заштитуваат приридните ресурси (биодиверзитетот), а сето тоа има позитивна улогаза локалниот и националниот идентитет на една држава.