Што треба да знаете пред да исфрлите некоја намирница од исхраната?

Сите кои немаат алергија на дадената намирница, треба добро да размислат што добиваат, а што губат со нејзиното исфрлање од исхраната.

0
1076

Во последно време во медиумите често среќаваме совети за тоа кои намирници треба да се исфрлат од секојдневната исхрана. Тие се обично поткрепени со навидум уверливи докази. Наведените причини за исфрлање на одредени намирници се најчесто грижата за здравјето и стравот од дебелеење. Ако и вие сте на мисла да исфрлите некоја намирница од вашата исхрана, мора да го знаете следново:

Кој навистина треба да исфрли одредени намирници?

Се разбира дека ова се однесува на луѓето кои имаат докажана алергија на извесна намирница или намирници. Оние кои се запознаени со својата алергија или се поради неа под лекарска контрола, неретко се и обучени како да ги надокнадат хранливите материи изгубени со отфрлање на алергените намирници.

Оние кои се чувствителни (нетолерантни) на одредени намирници и имаат пореметена цревна флора, најчесто имаат дигестивни тегоби кои можат да влијаат и на психата. Во овој случај, „проблематичните“ намирници би требало еден период да ги избегнуваат намирниците (за телото да се исчисти), а потоа повторно да ги воведат за да се види реакцијата на телото. Ова е „ресетирање“, пост или детоксикција за телото да се врати во нормала пред новото воведување на „сомнителната“ намирница.

Најчесто анатемисани намирници

Сите кои немаат алергија на дадената намирница, треба добро да размислат што добиваат, а што губат со нејзиното исфрлање од исхраната.

Пченица

Многу се зборува за целијакијата, глутенската енетеропатија или алергијата на глутен. Сите кои ја имаат оваа дијагноза, мора да ја избегнуваат пченицата и сличните житарки. Втора најчеста причина за избегнување на овие житарки е дебелината. Треба да се има предвид дека приина за дебелината обично не е внесувањето на самата намирница туку количината на истата. Доколку консумирате производи од интегрално брашно, варите жито во зрно или одгледувате никулци и пченична трева, тоа е поздрава опција која и побргу заситува.

Млеко

И за оваа намирница често се пишува во негативен контекст. Само ако имате алергија на казеин (млечен протеин) треба во целост да ги исфрлите сите млечни производи. Оние кои не поднесуваат лактоза во најмногу случаи можат да користат сирење и кисело-млечни производи. Многумина кои имаат проблем со  тежината, честопати под влијание на медиумите, за ова ги обвинуваат млекото и млечните производи и ги исфрлаат од исхраната. Тука е од исклучително значење и самиот избор на млечни намирници што го користиме. Калциумот кој сепак најмногу го има во млечните производи, всушност го помага и процесот на губење на вишокот на килограми.

Јајца

Во текот на годините, стручњаците ја менуваат дозволената количина на јајца во текот на неделата. Јајцата често се доведувани во врска со зголеменото ниво на холестерол во крвта. Вистина е дека е холестеролот покрај останатото и корисна составна материја во човечкото тело, а штетна е само неговата зголемена количина во крвта. Денеска со сигурност се знае дека на подигањето на нивото на холестерол во крвта најмногу влијае претераното внесување на заситени масти кои јајцата ги содржат само во мала количина.

Компир

Сите оние кои се против јаглените хидрати ги исфрлиле компирите од исхраната. Со тоа се намалува и разновидноста во исхраната. Компирот може да ја дополни ситоста на оброкот. Дали компирот ќе биде здрав или нездрав оброк, зависи од неговата подготовка но и од количината. Кога се вари или се пече во рерна со малку маснотија во лушпа или без неа, добиваме збначутелно поздрав оброк.

Јаткасто овошје

Овој вид на овошје е карактеризиран како масно овошје и затоа треба да го избегнуваат многумина кои се плашат од вишок на килограми. Факт е дека јаткастото овошје содржи добри маснотии. Исто така, овие маснотии телото не ги апсорбира во целост. Покрај мастите, јаткастото овошје содржи и растителни влакна и протеини, а комбинцијата на овие три вида на хранливи материи го зголемува чувството на ситост, односно, го намалува апетитот.

Овошје

Од толку зборување за лошото влијание на шеќерите на организмот, дошло до тоа од исхраната да се исфрли и овошјето заради шеќерите што ги содржи. Приврзаниците на овој правец го поистоветуваат додадениот шеќер со овошјето, заборавајќи на сите останати хранливи материи кои се наоѓаат во него. Овошјето предизвикува многу повеќе корист отколку што шеќерот што го содржи може да наштети. Како и во многу случаи врзани за исхраната, клучот е во внесување на умерени количини.