Што се јаде на албанската страна од Охридското Езеро?

0
5008

Иако кај нас со години се водат битки за заштита на пастрмката, овој загрозен ендемски вид на риба, без проблем се лови, се продава и се служи во рестораните од онаа страна на Охридското Езеро. Од таа страна на границата најпопуларни се селцето Тушемиште, кое се наоѓа на само два километри од македонско-албанската граница кај Свети Наум, и гратчето Подградец, на шест километри од граничната црта.

Македонците, па и самите Охриѓани, последниве години почнаа масовно да одат на

еднодневен излет и на риба во Тушемиште, кадешто солидна порција пастрмка чини 750 леки или околу 6 евра, а порција белвица – 900 леки или околу 7 евра.

Некои од полуксузните ресторани во Тушемиште, во склоп на хотелите, имаат и свои рибници кадешто се перчат лебеди и пливаат риби кои потоа ќе се најдат во чиниите на гостите, но тоа не значи дека во нив ќе бидете подобро услужени или дека јадењето ќе биде повкусно отколку во оние помалечките, семејни ресторанчиња. Битно е дека и во едните и во другите рибата е свежа, вкусна и ефтина.

Уште една работа која треба да се проба кога сте веќе од онаа страна на Охридското Езеро е и традиционалната албанска пита под саќ.

Ако се прошетате по шеталиштето во Подградец, покрај градската плажа која таму е сосема различна од охридската која практично и не постои (во самиот град е, повеќе од километар долга и песочна), ќе видите и една тезга на која работи цело семејство – жената меси пити, мажот го распалува огнот и ги пече под тежината на загреаната мешавина од пепел и песок, а синот ги пакува и ги продава.

Ние ја одгледавме целата постапка од почеток до крај и иако беше врел ден, не траеше предолго бидејќи и тестото и филот мајсторката ги има подготвено претходно и ги чува во фрижидерот. Сепак, мајсторијата не е само во подготовката на питата туку и во нејзиното печење. Целата пита чини 500 леки или околу 4 евра и можете да ја видите во нашата фото галерија најдолу под текстов.

Како и да е, овие места се толку близу што е навистина штета ако сте веќе во Охрид или во околината, да не ги посетите, ако заради ништо друго, тогаш барем за да ја видите разликата помеѓу Охрид и Подградец кои иако се на иста вода, се сосема различни светови.

Драгица Христова