Деменцијата напаѓа 50 милиони луѓе ширум светот, а во објавените насоки, Светската здравствена организација ги презентирала првите препораки за намалување на ризикот од деменција на глобално ниво.
Тие опфаќаат редовно вежбање, избегнување на пушењето, консумирање помалку алкохол, одржување на здрав крвен притисок и здрава исхрана, со посебен акцент на медитеранскиот начин на исхрана.
Додека одредени лица наследуваат комбинација од гени која ги доведува пред поголем ризик од развој на деменција, многу луѓе имаат можност значително да го намалат ризикот живеејќи здрав начин на живот.
Според СЗО, секоја година се појавуваат 10 милиони нови случаи на деменција, а таа бројка до 2050.година ќе стане тројно поголема. Деменцијата е главна причина за инвалидитет и зависност на старите лица која може да ги девастира животите на заболените поединци, како и на нивните негуватели и семејства.
Медитеранска исхрана за здравје на мозокот
Врз основа на достапните докази, СЗО донела препораки за промена на животниот стил за кои смета дека може да придонесат за намалување на ризикот од деменција, што особено се однесува на зголемување на нивото на телесната активност пред појавата на какви било когнитивни симптоми.
Извештајот на 78 страници препорачува редовно вежбање, престанување со пушењето, консумирање помалку алкохол и здрава, балансирана исхрана. Конкретно, медитеранскиот начин на исхрана кој се базира на зголемено внесување на зеленчук, намалена консумација на месо и употреба на маслиново масло, би можел да биде од голема помош.
Медитеранската исхрана се вбројува помеѓу најопширно проучуваните начини на исхрана, а редовно се доведува во врска со зачувувањето на когнитивните функции. Неколку студии заклучиле дека строгото придржување до медитеранската исхрана е поврзано со намалениот ризик од благи когнитивни оштетувања и Алцхајмерова болест.
Исто така, извештајот препорачува одржување на здрава телесна тежина, контрола на холестеролот, крвниот притисок и дијабетесот како мерки кои можат потенцијално да го намалат ризикот од деменција и когнитивен пад.
Фото: Pixabey