Тој е вистински хваранин, па иако кога зборува македонски има хрватски акцент, се уште барем малку се чувствуваат и трагите од неговиот роден, гостиварски дијалект. А тој си ги сака и Гостивар и Хвар, исто како што ги сака Македонија и Хрватска.
„Јас сум роден во 1970. година во Гостивар, како и мојот брат и двете постари сестри, додека пак родителите ни се родум од гостиварското село Пожаране. Во мое време, кога раснев и одев во училиште во мојот роден град, не беше важно кој од каде доаѓа, сите се дружевме и немаше делби. Сега Гостивар е голем град, луѓето се делат по квартови, не комуницираат како порано и тоа не ми се допаѓа.
Можеби токму затоа и најубаво се чувствувам токму тука, на Хвар кадешто првпат дојдов во 1987 година за да работам во слаткарницата на Гарип Рушидовиќ кој потекнува од гостиварското село Врапчиште и кој ја отворил оваа слаткарница во далечната 1960.година.
Дошол во Хрватска, се запознал со шибенчанка, се вљубиле и се земале. Тие се родители на мојата сопруга Сораја која ја запознав кога почнав да работам кај Гарип. Се загледавме еден во друг, се засакавме и од 1990 година, нејзиниот татко ни ја препушти слаткарницата, а последнава година пак, работата веќе ја презедоа нашите два сина, Гарип и Тарик“, раскажува нашиот соговорник Шпенди Исмаили.
Во меѓувреме, како кој влезе, излезе или помина пред неговата слаткарница, срдечно го поздравуваа. Едно малечко црномуресто мало девојченце дури и му намигна и му мафна на барба Шпенди додека излегуваше од слаткарницата и со задоволство го јадеше највкусниот хварски сладолед.
„Во слаткарницава нема кој не дошол. Тука седевме и со нашиот покоен Тоше Проески, со кого и приватно се познававме. Дури, онаа година кога доби Порин, седевме тука и се договаравме за еден заеднички проект, тој требаше да пее, а јас да се погрижам за послужувањето слатки, ама после се случи тоа што се случи, го изгубивме Тоше и тоа беше нашата последна средба“, се потсети Исмаили на својот пријател.
Инаку, во неговата слаткарница навистина нема кој не дошол, а особено откако пред 10 години Шпенди го направил својот славен сладолед од леванда за кој пишувале сите хрватски медиуми, а веста ја имало и на телевизија, бидејќи е тој првиот и единствен кој направил сладолед со симболот на овој остров и го поврзал маслото од леванда во сладоледна маса.
„Јас првпат пред 10 години направив сладолед од леванда по кој нашата слаткарница стана уште попозната. Беа дојдени како туристи едни богати Руси кои бараа нешто необично, па направив сладоледи од рузмарин и од леванда. Сладоледот од леванда потоа го промовирав и на Деновите на хварската леванда кои се одржуваат секоја година и таму доби одлични критики па одлучив тој да биде редовно во нашата понуда. Рецептот не е тајна и им го кажувам на сите мои другари-слаткари. Важно е само маслото од леванда што се употребува да биде испитано на Институт за да биде се безбедно и како што треба“, вели Исмаили.
Ако го прашате дали понекогаш тука се чувствува како странец, одлучно одмавнува и вели:
Местото е мало и тука сите се знаеме а мене ме прифатија како свој. Дали е тоа заради мојот карактер, дали затоа што се луѓето тука добри и не се националисти или нешто трето, не знам, но во секој случај тука работам и живеам 30 години и никогаш не сум почувствувал некаков притисок или пак отфрлање.
Напротив. Веќе трет мандат сум претседател на ракометниот клуб и тренер на ракометниот подмладок во градот, претседател на неколку хуманитарни здруженија, на црвен крст во Хвар, сакам да помагам, а ракометот ми е вистинско задоволство. Како дете, додека одев на училиште во Гостивар и самиот играв ракомет во ЖАС Гостивар, па сега тренирањето на децата ми е одлична занимација преку зима. Ние извесно време живеевме и во Загреб и имавме слаткарница и таму, но не ми се допаѓаше тој начин на живеење во голем град, тука е помирно, односно, гужвите и туристите и работата се само 3-4 месеци преку лето, а потоа имаме мир и слобода што многу ми одговара.
Што ќе заработиме преку лето, трошиме во зима, Секоја година одиме за Нова година во Гостивар, таму живеат мајка ми, брат ми и двете сестри, па сме голема фамилија. Но многу почесто од мене таму оди жена ми со нејзините другарки, особено кога ќе се зажелат за снег и за македонска храна. Иако, сопругата одлично готви и тука не ни недостасува македонската храна бидејќи таа ни ги подготвува сите македонски јадења. Но годинава, откако синовите полека ја презедоа целата работа во слаткарницата, се повеќе ме влече да одам натаму. А кога се враќаме од Македонија, задолжително како подарок за овдешните другари и пријатели, носиме од нашиот македонски грав кои овде сите многу го сакаат“, раскажува Исмаили.
Забележуваме дека во слаткарницата во која порано имаше главно само традиционални колачи како што се баклави, крем-пити, шампити и други кои се јадат кај нас, сега има некои нови модерни слатки кои наликуваат на мали уметнички дела.
„До пред две години правевме само традиционални колачи, но времињата се менуваат, гастрономијата оди напред и не смееме да дозволиме времето да не прегази“, вели господин Исмаили и објаснува дека за разлика од порано кога во Хвар доаѓале повозрасни и посериозни туристи кои сакале традиционални колачи, сега во Хвар главно доаѓаат помлади луѓе кои ги интересира само забава и луксуз па тие мораат да ги следат трендовите и сега наместо баклави и тулумби, најмногу продаваат чизкејк и работат со слаткари чии слатки се вистински уметнички дела.
На прашањето дали ја следи политичката ситуација во Македонија и што мисли за тамошните случувања, господин Шпенди вели:
„Јас се занимавам со слаткарство и си ја гледам својата работа, а политичарите нека се занимаваат со политика. Ја следам состојбата, секако дека ме интересира што се случува, но ниту имам право, ниту пак можам да знам точно што е и како е кога не живеам во Македонија“.
Додека ние разговаравме, неговите двајца синови и вработените во слаткарницата постојано „зуеја“ низ слаткарницата и со насмевка ги пречекуваа гостите. Целиот машки дел од персоналот е од Македонија, додека пак девојките се од Хвар или околината.
Сите работници кои доаѓаат кај него од Македонија се сместени во нивната семејна куќа во Хвар и како што вели Исмаили, сите тие се вредни млади луѓе кои си ја гледаат работата и не ги интересира ништо друго. Повеќето, вели, веќе си имаат девојки во Македонија, па досега не се повторила љубовната приказна на Шпенди и Сораја.