Македонската Асоцијација на готвачи и шефови на кујни – ГастроМак Македонија, се закити со шест златни медали на годинешните интернационални гастрономски натпревари во Будва, Црна Гора и Best Cook Fest во Измир, Турција.
Тимот на готвачи на ГастроМак Македонија, составен од Весна Тодоровска Алачковска, Цветанче Тодоровски, Костадин Стефанов, Снежана Ангеловска и Иван Велков се натпреваруваа во различни категории и рангови. ГастроМак тимот со нивните кулинарски вештини и креативност ги задоволија највисоките критериуми на натпреварите и ги освоија симпатиите на интернационалното жири.
Со вкупно пет златни медали се закити шеф Весна Тодорвска Алачковска за категориите: национално јадење, комплет мени, модерна кујна – јадење во три ганга, како и во категориите – паста, пица и азиска кујна. Нејзината колешка, шеф Снежана Ангеловска, освои злато и два бронзени медали во категоријата изложбени слатки експонати, а воедно, ова е нејзин 101 по ред освоен медал.
ГастроМак готвачите, Цветанче Тодоровски освои сребрен и бронзен медал за подготовка на пилешко и јагеншко, шеф Костадин Стефанов освои бронза во категорија модерна кујна во три ранга, додека шеф Иван Велков сребро во категоријата комплет мени.
„Македонските готвачи уште еднаш покажаа и докажа дека можат да иновираат, да експериментираат и да ги наметнат своите вкусови и кај најпребирливите и строги меѓународни судии. Голема чест и задоволство е да се биде дел од вакви манифестација и за мене лично, но е и признание за нашата Асоцијација“, вели претседателката на ГастроМак, Адријана Алачки.
ГастроМак е национална асоцијација на готвачи и шефови на кујни во Македонија. Како национално здружение, ГастроМак ја претставува нашата држава како единствен претставник на Македонија во WACS, Светската асоцијација на шефови на кујни, во која што членуваат национални асоцијации од над 150 држави во светот.