Шеф Зоран Андонов: Никој не веруваше во мене

Бил најлош ученик во цела генерација во основно, правел многу глупости, па во паралелката за готвачи во средното училиште во Гевгелија се запишал од немајкаде, едноставно зашто таму се запишувале најслабите ученици. Но кога почнале со праксата, се вљубил во готвењето. Работи од 16 години и постојано ниже успеси и „заработува“ медали на сите интернационални кулинарски натпревари.

0
2997

Здружението на готвачи кое се роди под името „Macedonian multiethnic culinary chefs“ (MMCC) ги обединува најдобрите македонски готвачи меѓу кои е и тој – Зоран Андонов. Последните две години работеше во ресторанот „Шалом“ во Струмица, па патиштата постојано ни се разијдуваа, но конечно, пред неколку дена успеавме да се договоривме да го направиме интервјуто.

Го прашав како се запознал со останатите готвачи од здружението за кои веќе многу пати досега сум се уверила дека многу се почитуваат, соработуваат и победуваат на многу интернационални натпревари на кои учествуваат заедно како екипа, но и поединечно во одделни категории.

Вели, „прво се запознав со Никола (Мишковски, од Брза кујна“ кој е сега единствениот од здружението со кој сѐ уште немаме интервју во „Арт кујна“), бидејќи заедно бевме дел од првото македонско кулинарско реално шоу „Во оган“ кое одеше на ТВ Канал 5 пред речиси 10 години.

Потоа се запознав и со останатите, преку работата. Јас и Мајно (Зоки Мајновски од „Естел“) сме најстари, а другиве (Бобан Симоновски од „Еквилибриум“ и Дејан Карапеев кој работи на брод за компанијата „Аборда јахтинг“) се помлади од нас, но не и помали мајстори“.

Го прашав како воопшто почнал да готви, дали на пример како дете се плеткал во кујната додека мајка му готвела или наеднаш во основно зготвил  фантастичен ручек со кој ги воодушевил домашните па решиле да го запишат во класот за готвачи во средното училиште во неговиот роден град Гевгелија?

Ништо од тоа! Одговорот не содржи ништо од нашите претпоставки. Во средното училиште во Гевгелија, во паралелката за готвачи, се запишал од немајкаде, затоа што таму обично се запишувале најслабите ученици.

„Јас не само што бев слаб ученик, туку бев и лош и постојано правев проблеми.

Бев најлош ученик во цела генерација во основно, правев многу глупости, па моите не сакаа воопшто ниту да ме запишат во средно, а директорот на основното училиште тогаш им рече: ‘Ако од ова дете некогаш биде нешто, јас ќе ве честам сите ручек’. Никој не веруваше во мене ама сепак ме запишаа. Во прва година на прво полугодие имав 13 единици, но кога почнавме со феријалната пракса, како што влегов во кујна првиот ден, веќе не излегов од кујната. Наеднаш се најдов себеси. Се вљубив во готвењето. И понатаму не учев и надвор од училиштето и праксата и натаму правев глупости, ама кога бев на работа, бев сериозен.

Имав 16 години и работев од сабајле до вечер.

Во тоа време се сеќавам дека ми плаќаа 350 денари дневница, а кога почнав втора година, после школо одев на работа во „Виолета Парк“, стар ресторан во Гевгелија. На работа бев сконцентриран на работата и сам сфатив дека само тоа ќе ме смири. Ако бев дете, ја сфатив сериозно работата. Тогаш имав 7.500 денари плата, колку што ни се сега дневниците“, се смее шеф Зоран додека искрено ни раскажува за своите почетоци.

А неговата приказна е токму таква, филмска. Сите професори јаделе во ресторанот, па на тој начин си ги „заработил“ и оценките.

„Тогаш мислев дека тие не ме сакаат, а всушност проблемот бил во мене, јас не сум бил добар. Од „Виолета Парк“ отидов да работам во „Аполонија казино, сакав да научам помодерна кујна. Еден мој професор кој работеше таму ме земаше со него секаде кадешто го ангажираа да работи и надвор од таа работа, па каде одеше тој, таму и јас. Работев, а тој не ме плаќаше па си велев дека работам без пари, ама сфатив дека тоа што тој ми го дава е најскапо, а тоа е знаењето“, раскажува тој.

По завршување на трета година средно почнал да работи во „Бон Густо“ и тоа бил неговиот прв ангажман кадешто тој самиот сериозно почнал да држи смена.

Оттаму патот го однел во Петрич, во Бугарија, кадешто на 25-26 години станал шеф на хотел со 4 ѕвезди.

„Таму, во хотелот во Петрич кадешто беа вложени многу пари, и јас заработував многу, ама парите не ме расипаа туку ме натераа уште повеќе да работам. По 5 години се вратив во Македонија, а газдата на ресторанот во кој почнав со работа, „Бон Густо“ ми рече: ‘Откако си отиде ти, пропаднавме, јас веќе не работам, еве ти го клучот од ресторанот и работи го самиот’.

Така станав газда, ама од оние кои работат како кртови. Бев најголем работник од сите вработени, па дури и претерував. После 2 години почна снимањето на кулинарското шоу „Во оган“. Снимањата беа напорни, траеја по недела дена, бев отсутен од работа, келнерите почнаа да ме крадат и бидејќи шоуто одеше цели две години, решив да го затворам ресторанот.

По завршувањето на шоуто, добив нов предизвик – ресторан за свадби во Гостивар. Две ипол илјади порции на ден – тоа беше предизвик. Останав таму 5 години  Следните две бев во ресторанот „Шалом“ во Струмица, а од 1 јануари оваа година завртев нов лист. Си реков, ќе правам обука на кујни во ресторани и во моментов имам доста ангажмани, но мора да признаам дека е тешко затоа што нема персонал. Јас сѐ уште одам на разни обуки и сѐ уште учам, а каде и да одам за да научам нешто ново, јас си ја плаќам обуката. На пример, во Софија одам на „Pastry academy“ и си плаќам зашто сакам да се доусовршам,  а јас на вработените во рестораните кадешто ме ангажираат без пари им давам знаење, односно, газдата си плаќа, а и тие си земаат плата и пак не се заинтересирани. Тоа што е добро си е заминато од државата, а на тие што се тука не им се работи за тие плати. Ама јас да ви кажам искрено, ако човек работи како што правам јас тука, од утро до вечер, може да заработи иста плата како и надвор. Инаку, моментално сум во „Пела“ во Гостивар, а од 1.август веројатно ќе бидам во „Дајмонд“ во Радовиш“, вели шеф Зоки.

За соработката со здружението MMCC вели дека е беспрекорна: „Еден оди, сто води“, се смее тој. Деновиве тие заедно спремаа кетеринг за отварањето на голем ресторан за свадби „Нобел Палас“ во Тетово.

Самиот нема некоја специјалност, па омилено му е секојдневното готвење. Она што сака да го направи сега, е да го усоврши знаењето за месење леб.

„Сакам да го усовршам лебот, но имам сѐ повеќе работа. Има една жена технолог која ми кажува како некои состојки да ги поврзам една со друга, дали да ставам билки место зејтин, дали да бидат пасирани или блендирани, итн.

А ако ме прашувате што најмногу сакам да јадам, тоа е риба. Затоа омилен готвач ми е Дејан (Карапеев)“, се смее тој.

Ако пред 6 години навлегол во спремањето на дивеч па го проучил истото од сите аспекти, сега се доусовршува во традиционалната кујна спремена на помодерен начин и за ова одел на курсеви во Бугарија.

„На пример, се спрема десерт со пиперка и козјо сирење, или од било кој зеленчук да направиш десерт, сега извадија и сладоледи од секаков вид на зеленчук, а на последниот интернационален натпревар на Брач, во Хрватска, токму за овој десерт со ајварка и козјо сирење добивме награда“, објаснува тој.

Иако имал понуди да работи надвор од Македонија, вели: „засега сѐ уште ги бранам боите на Македонија, но до кога, ќе видиме“.