Рене Реџепи, еден од најдобрите светски готвачи, чиј татко е Албанец кој потекнува од тетовското село Џепчиште, а мајка му е Данкиња, откако со години добиваше најпрестижни награди за своjот ресторан „Нома“ во Копенхаген, го отвори ресторанот „Нома Мексико“. Претходно, со својот тим имаше отворено ресторани во Сиднеј и во Токио.
Брилијантниот главен готвач и сопственик на познатиот ресторан Нома, е роден во Копенхаген, но во одреден период од животот, додека се уште бил дете со семејството се преселил во Македонија. Животот во рурална средина, бил многу подобар за семејството Реџепи кое останало да живее во Македонија до балканските војни, кога одлучуваат повторно да се вратат во Копенхаген.
Во своите интервјуа Реџепи тврди дека годините поминати во Македонија оставиле врз него многу подлабоко влијание отколку годините поминати во Данска. За разлика од животот во Данска кадешто живееле сиромашно, во мал стан во лошо соседство, животот во Македонија им бил многу различен и дефинитивно, поубав. Имале голема семејна куќа во која сите генерации живееле под ист покрив. Имале двор, ниви, градини, животни, одгледувале свој зеленчук и овошје и сето тоа влијаело врз натамошниот тек на неговиот живот и неговиот пристап во Нома.
Откако Рене Реџепи го затвори својот славен ресторан „Нома“ во Копенхаген и додека се чека новата верзија на нова локација во данскиот главен град, тој не мирува и го отвори „Нома Мексико“. Реџепи заедно со главната слаткарка во „Нома“, Росио Санчез, и новиот бизнис партнер Али Сонко деновиве го отворија овој поп-ап ресторан во туристичкиот град Тулум во Мексико, сместен помеѓу џунглата и Kарипското Море. Ресторанот е на отворено, под палмини дрвја, има лежерна атмосфера, но и луксузни цени. Имено, цената на гастрономски оброк за двајца може да чини дури и 1.500 евра, но и покрај ова сите места во ресторанот се резервирани уште од декември. Овој концепт ресторан ќе биде отворен до 28 мај и за тоа време ќе бидат послужени оброци со намирниците од регионот, полуостровот Јукатан.