Помеѓу вработените во „Слајс“ нема јазични бариери

Во охридската и во дебарската канцеларија на компанијата „Слајс“ преку која Американците нарачуваат пици од повеќе од 10 илјади пицерии во САД, службен јазик е англискиот, а за вработените компанијата често приредува пица-забави.

0
706

На пазарот за продажба на пици во САД, компанијата „Слајс“ управува со веб-страница и апликација и им овозможува на корисниците да пронајдат пицерија во нивна близина (од 10.000 регистрирани пицерии) и да порачаат онлајн.

Компанијата чие седиште се наоѓа во Њујорк е основана од Илир Села, родум од Дебар, а пораснат во Њујорк, кој пред 8 години ја отворил и првата канцеларија во родниот град-Дебар, а подоцна и во Охрид.

Двете канцеларии во Македонија денеска имаат вкупно 305 вработени, а во интервју за „Арт кујна“, генералните менаџери на „Слајс“ во Македонија Албан Османи и Бутринт Села, најавуваат отворање на канцеларија и во Скопје.

Албан Османи
Бутринт Села

Во последно време сите зборуваат за вашата компанија „Слајс“ и навистина е чудно што досега не доби поголем публицитет со оглед на тоа што станува збор за навистина интересна идеја за бизнис. Чија беше идејата да се осниваат кол-центри во Дебар и во Охрид преку кои Американците можат да нарачуваат пици од над 10 илјади пицерии во 2000 градови во САД? Кои се оснивачите на компанијата и во каква релација се меѓу себе?

Причината зошто „Слајс“ не доби поголем публицитет мислам дека е тоа што многу граѓани не го разбираат концептот на компанијата и со што всушност таа се занимава. Како што и самите споменавте во прашањето така и повеќето граѓани мислат дека се работи за „кол центар“, каде бизнис идејата доаѓа однадвор, а Македонија се користи само за  аутсорсинг.

Би сакал да напоменам дека „Слајс“ е старт ап компанија која дава поддршка на малите пицерии во Америка како би можеле да опстанат во борбата со големите синџири на пицерии.

Во кол центар им кажувате на вработените што треба да направат, а во нашата компанија вработените се движечката сила која секогаш придонесува со свои идеи компанијата да оди напред.

Слајс настана пред 8 години кога основачот Илир Села заедно со уште еден програмер и само 5 вработени во Дебар почнаа да градат успешна приказна која од ден на ден зазема се поголеми размери.

Основачот Илир Села е по потекло од Дебар – Македонија, па од таму и идејата за проширување на компанијата во нашата земја. На почеток тоа беше мала фамилијарна компанија во која им се даваше поддршка на мал број пицерии. Сопствениците на тие пицерии беа претежно пријатели и роднини на господин Села. Како растеше потребата за ваков вид услуга, компанијата се повеќе се прошируваше и стигна до нивото на кое е денес.

Кога решивте да се проширите и во Охрид и колку вработени има сега вкупно во двата града?

Во Охрид се проширивме пред три и пол години. Тогаш се појави потребата за вработување на поголем број вработени.

Во моментот имаме вкупно 305 вработени во двете канцеларии.

Би сакал да напоменам дека и покрај тоа што канцелариите се наоѓаат во два различни градови сепак тие функционираат како еден тим без притоа да се почувствува оддалеченоста.

Со оглед на тоа што вашите клиенти се во Америка, а нарачките одат преку канцелариите во Македонија, дали пицериите со кои работите знаат каде се наоѓаат нивните соговорници преку кои ги прават нарачките и како реагираат на оваа информација? 

Важно е да се забележи дека покрај тимот во Македонија имаме и голем тим кој се наоѓа во Њујорк. Клиентите го бараат „Слајс“ поради поддршката и високиот  квалитет на услугата која ја нудиме. Се додека нудиме услуга и поддршка која е на највисоко ниво на професионалност и квалитет, локацијата нема да биде најзначајна.

Има доста странски компании кои функционират на сличен начин, и тоа главно се должи на фактот што на тој начин добиваат поефтина работна сила, но истовремено се намалува и невработеноста во нашата држава па се чини бенефитот е заеднички. Сепак, дали сметате дека вашите вработени се соодветно платени, како функционира една компанија со 24-часовно работно време и ваков специфичен тип на работа?

Како што напоменав и претходно ние не функционираме како останатите компании. „Слајс“ e единственa компанија во поглед на дејноста што ја извршува. Платите во нашата компанија се повеќе од просечни и ние константно инвестираме во нашите вработени.

Ве покануваме Вас и сите останати слободно да дојдете и да разговарате со нашите вработени како би можеле директно да се уверите во ова.

Среќата на вработените и реализирањето на нивните лични цели е секогаш клучна за успешноста на една компанија.

Во однос на 24-часовното работење би сакал да напоменам дека сите оддели не работат по тоа време. Имаме вработени кои доаѓаат само прва или втора смена. Свесни сме за недостатокот на таквиот вид на работење па поради тоа нудиме различни бенефиции и предности за да го надминеме ова.

Веројатно имате вработени од сите националности кои живеат во Македонија…па како функционира соживотот во мало ( во рамки на вашата компанија), имате ли проблем со двојазичноста или сите зборувате англиски?

Нашите вработени се професионалци со највисоки работни перформанси, исто како да работат во Њујорк. Официјален јазик во компанијата е англиски па јазичните бариерии воопшто не се чувствуваат.

Кога ќе влезете во нашите канцеларии, добивате чувство дека се наоѓате во Њујорк токму поради професионалноста и позитивноста на сите вработени.

Дали имаат вработените понекогаш проблем со нарачките, на пример, да згрешат во составот на пицата па нарачателот да добие поинаква пица од онаа која ја нарачал и како се решаваат овие проблеми?

Се случува понекогаш да се направат грешки при работењето, но сепак тоа не е чест случај. Нашите вработени се тренирани да можат во секој момент да понудат високо квалитетна услуга, па дури и во моментите кога ќе направат грешка да можат да го понудат најсоодветното решение. Сепак, крајна цел е клиентите да бидат задоволни.

Имате ли намера да се проширите и во некои други градови во државава или евентуално да го зголемите бројот на вработени во постојните две канцеларии?

И двете! Земајќи го предвид фактот дека компанијата се повеќе расте, бараме опција за проширување на компанијата и во друг град, најверојатно Скопје. Но, исто така сакаме да се осигураме дека ги имаме вработено најдобрите кандидати од овие два градови.

Колку нарачки во текот на 24 часа се прават во просек преку вашите канцеларии?

Илјадници и илјадници. Бидејќи не можеме да кажеме попрецизно, само би напоменал дека таа бројка од ден на ден се повеќе се зголемува.

И за крај, се случува ли понекогаш вработените, кога ќе огладнат слушајќи толку нарачки за пици да си нарачаат пица од некоја локална пицерија во Дебар или во Охрид?

Охрид и Дебар се познати по вкусни пици. Но овде не застанува се. Компанијата често приредува пица забави за своите вработени. Вреден настан за споменување е таканаречениот „Отворен ден“ на кој беше направена симулација на веб апликацијата што ја користат клиентите во Америка. Во рамките на самата компанија се приготвуваа пици од врвни пица мајстори, а гостите можеа да порачаат пици по нивен избор. Ист таков настан беше организиран и за нашите вработени. Сите ние сме љубители на пица и секогаш ја користиме можноста да уживаме во неа. 

Драгица Христова