На денешната конференција „Биодиверзитет на млеко“ во организација на организацијата Слоу Фуд Македонија а по повод 10. декември, денот посветен на локалната храна, односно денот на мајката земја „Тера Мадре Ден“, се дискутираше за иднината на козарството во Македонија, за зачувувањето на автохтоните раси, за домашната балканска коза, но и за одржливоста на традиционалните производства на сирења.
Се чини дека цела штета била направена уште во далечната 1947. година кога првиот претседател на Владата на Демократска Федерална Македонија, Лазо Колишевски го донел законот со кој било забрането да се чуваат кози, зашто козата била „штетно животно“.
Тоа било и објаснување за чудниот козомор што се случил во септември 1947 во Македонија по директива на Колишевски, кога владата на НРМ донесува „Уредба за забранување држење кози односно ограничување на нивниот број“ (во 1948 е претворена во „Закон за забранување држење кози на територијата на НРМ“, во народот познат како Лазов закон). Со Лазовиот закон бројот на козите во Македонија од 516.831 во 1947 година паднал на 69.350 во 1952 година. Прагматичното oбјаснување за тоа зошто било потребно нивно ликвидирање, гласело дека козите ги уништуваат шумите, ги брстат буките, дабовите, багремите, зелениката, јадат и грмушки, и трња, и коприви, и иако се исплатливи за чување и даваат вкусно месо и сирење, тие мора да се уништат. Токму со ова му биле нанесени големи штети на развојот на козарството во Македонија и традиционалните козји сирења во Македонија се речиси изгубени.
„Преку 90 проценти од козјото млеко се користи за производство на овчо сирење, а најбројни (иако многу малку) се фармите со по максимум пет кози“.
Како што беше речено на денешната конференција „Биодиверзитет на млеко“, наместо автохтоните, сѐ повеќе се увезуваат и одгледуваат интернационални раси кои можат да го следат економското темпо. Младите генерации не го познаваат мирисот на козјо млеко, ниту се навикнати на вкусот на козјите сирења. За тоа, пак, кое козјо сирење со кое вино може да се комбинира, воопшто и не може да стане збор.
Учесниците на денешната конференција порачаа дека традицијата мора да се зачува, а со неа и различните начини на производство, како и разноликоста на пасиштата.
„Ако се одлучиме за еднаквост на суровините, нема да ја загубиме само разновидноста, туку и автохтоните раси, традиционалните сирења, мајсторите за сирења и секако, пасиштата со што ќе се смени и животната средина“, нагласи Елена Каровска од Слоу фуд Македонија.
Професорот Кочо Порчу од Факултетот за земјоделски науки и храна потенцираше дека во Македонија доминираат фармите со најмногу пет кози, а речиси нема ниту една фарма со 200 или повеќе од 200 кози.
Но, ситуацијата со традиционалните раси не е алармантна само во козарството, туку и во овчарството и краварството.
Според професорот Слободен Чокревски од Националниот одбор на Слоу Фуд Македонија кој ја отвори конференцијата, полека ги губиме млечните говеда, а биволите може да се избројат на прсти.
„Познатиот кашкавал од Кораб веќе шест години не се произведува, сирењето „манур“ го нема на трпезите, „буламач“ има само во Малешевијата, а само неколку знаат да го произведуваат, исто како и „стриглето“ од Источна Македонија“, истакна Каровска.
Во меѓувреме, производителите бараат поддршка од науката, најмногу од аспект на маркетинг и промоција. Според нив, професорите се тие што треба да им предочат на потрошувачите дека традиционалните производи се здрави и дека ги запазуваат сите услови за хигиена и бебзедност на храната.
Последните статистички податоци покажуваат дека кози денес се одгледуваат само во три од осумте плански региони: Источниот, Југоисточниот и Вардарскиот. Притоа, околу 70 отсто се од автохтоната раса „домашна балканска коза“, 12 отсто се „санска“, десет проценти се мелези од „алпина“, седум отсто се „алпина“, а околу четири се мелези од „санска коза“.
Во светот, пак, има 875 милиони кози со околу 200 раси. Водечки континент е Азија со 540 милиони грла, а потоа се Африка со 270 милиони, Европа со 17 милиони, а Австралија и Нов Зеланд со 4,5 милиони. Од европските земји предничат Турција, Шпанија, Франција,…