На еден од најзначајните специјализирани вински натпревари во Европа, црвеното вино „Барово 2015“ освои највисока награда.
Според истакнатиот вински критичар, автор и член на жирито на престижниот меѓународен вински натпревар Декантер (Decanter) – Дарел Џозеф, платинестиот медал зацрвеното вино „Барово“ на Винарската визба „Тиквеш“, освоен на годинешното издание на Декантер во Лондон, претставува вистинска препорака која значително ќе ја зголеми препознатливоста и реномето на квалитетните македонски вина во светски рамки.
„Освојувањето платинест медал во конкуренција на близу 17.000 вина од целиот свет е огромен успех кој покажува дека се работи за вино со исклучителен квалитет. Многу е мал процентот на вина што добиваат ваква награда, особено поради тоа што очекувањата на членовите на жирито се екстремно високи и многу строги. Навистина е пријатно да се види дека уникатниот квалитет и карактеристики на виното „Барово“ – оние што јас ги забeлежав и ме инспирираа да зборувам за ова вино во изминатите неколку години ширум светот – добијаимпресивно признание годинава и од останатите оценувачи на натпреварот Декантер“, вели Дарел Џозеф, вински новинар, оценувач и едукатор чија специјалност се вината кои потекнуваат од Југоисточна Европа.
Според пропозициите на Декантер, платинест медал се доделува само на вина – добитници на златни медали, кои освојуваат повеќе од 95 поени и кои повторно се оценуваат во посебна сесија. Стручното жири на Декантер, составено од дури 250 вински експерти, на црвеното вино „Барово“ од бербата во 2015-та му додели 97 поени,со што ова премиум македонско вино е издвоено од сите останати годинешни добитници на највисоки награди.
„Задоволни сме и горди на овој успех. Тој е резултат на нашите сериозни и долгорочни напори и вложувања во сите сегменти кои гарантираат производството на врвни, автентични вина. Свесни сме за огромното значење на ваквите високи награди кои особено се ценат во светот на виното. Верувам дека тие ќе креираат дополнителни можности за пласман на нашите вина на странските пазари, особено европските и истовремено ќе го зголемат вкупниот извозен потенцијал на индустријата“, истакна генералниот директор на ВВ„Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.
Црвеното вино „Барово“ е комбинација на сортите вранец и кратошија. Се произведува од строго контролирани лозови насади лоцирани во истоимената ретко населена област во подножјето на планината Кожуф. Комплексниот спој на уникатни географски и климатски карактеристики на оваа област, како и композицијата на почвата на која се одгледува виновата лоза, познати под името тероар (terroir), претставуваат одлична основа за производство навина со уникатен карактер.
„Освоениот платинест медал на Декантер е гордост за целата компанија, а особено за енолошкиот тим, кој преку целата година напорно работи, не само во винарницата, туку и на самите лозја,со цел да обезбедиме висококвалитетно грозје што е основен предуслов за производство на премиум вина. Ваквите награди ни потвдуваат дека сме на вистинскиот пат и секако дополнително нѐ мотивираат да продолжиме да се усовршуваме“, вели главниот енолог на ВВ „Тиквеш“, Марко Стојаковиќ.
Покрај платинестиот медал за црвеното вино „Барово“, на годинешниот натпревар Декантер, награди освоија и други12 вина, со што вкупната бројка на награди за вината на „Тиквеш“ освоени на најпрестижните светски вински натпревари во првата половина од годината ја надмина бројката од 50 медали. Со ова „Тиквеш“ го зацврсти реномето на најнаградувана винарница од Југоисточна Европа.