Пита со паричка за Василица

Адетот со паричката и питата некои го прават на Бадник, а некои на Василица. Ние го правиме два пати.

0
814

Од оваа пита, дефинитивно, нема повкусна. Секоја година за Василица ја прават сестрите Ана и Рада за своите семејства, а по рецептот на мајка им – Марија.

Еве го и рецептот.

Состојки:

750 г брашно

малку квасец (1/4 свеж или малку сув)

2 филџани зејтин

1 ипол лажиче сол

1 ипол шолја вода

Приготвување:

Од состојките се замесува тесто и се остава 10 минути да се одмори. Се дели на два дела, секое се расукува во кора и се премачкува со свинска маст, путер или маргарин. Секоја од корите се засекува такашто со нож во средината се исцртува круг, а потоа се засекува од кругот кон краевите на кората со нож на 9 парчиња кои се преклопуваат едно врз друго.

(Ова е поедноставната варијанта од онаа кога двете топчиња се делат на уште 9, па секое посебно се расукува, се премачкува со маст и се реди едно врз друго).

На нашиот поедноставен начин се подготвуваат двата дела од тестото и се ставаат во фрижидер. Најдобро е да отстојат преку ноќ, но доволни се и само 2 часа.

Потоа од двата дела се расукуваат кори, едната се става во подмачкана тепсија, се става филот, па одозгора се става втората кора и се пече.

Филот направете го по ваша желба. Ние имавме две пити. Едната со мелено месо и кромид, а втората со урда и јајца.

Паричката беше во онаа „побогатата“ – со месо.