Вака некако изгледаше нарачката на нашиот домаќин Николче Николовски, национален координатор за Слоу Фуд Македонија, во вино барот „Буре“ на Широк Сокак во Битола.
И додека екипата на Арт кујна седеше со подотворени усти и се обидуваше да улови некој поразбирлив збор келнерката и нашиот домаќин се договорија. Додека го пијуцкавме виното и чекавме да видиме што ќе добиеме, Николче накусо ни објасни дека станува збор за стари зборови кои треба да асоцираат на стара Битола, токму како што и целиот локал е своевидна историја на градот низ вековите.
Инаку, Арт кујна беше гостин на Николче Николовски, национален координатор на Слоу фуд Македонија. А од кој друг би можеле да дознаеме повеќе и со кој друг би можеле да вкусиме подобро отколку со некој кој е на чело на една организација од типот на Слоу Фуд.
Станува збор за меѓународна, непрофитна организација со членови и поддржувачи насекаде низ светот, кои ги поврзуваат задоволството и добрата храна, но и обврската кон заедницата и животната средина.
Промовирана како алтернатива на брзата храна, Слоу Фуд настојува да ги заштити од исчезнување традиционалната и регионалните кујни, да го поттикне земјоделството со растенија, семиња и добиток карактеристични за локалниот екосистем и производството на храна чија технологија е базирана на знаењето на локалното население. Своите цели за одржлива храна и промоција на локалните мали производители се обидува да ги реализира преку агенда, насочена против глобализација на земјоделството и гастрономијата.
Основана од Карло Петрини во 1986 година во Италија како протест на мала група на луѓе, Слоу Фуд денес претставува меѓународно движење со повеќе од 100.000 членови од 160 држави во 1500 локални организации (конвивиуми). Организациската структура е децентрализирана: секој конвивиум има лидер кој е одговорен за промоција на филозофијата на Слоу Фуд преку промовирање и поддршка на локалните занаетчии, фармери, готвачи преку локални и меѓународни настани како работилници, дегустации, саеми и пазари. Токму таков лидер е и Николче Николовски со кој поминавме една убава и интересна гастрономска вечер во Битола.
Но, да се вратиме на нарачката… Значи, еве со што не послужија…
Наместо вообичаените т.н. „мезе даски“, со похувани зденки, маслинки, кашкавали,…тука ни сервираа нешто ново и поинакво. Најинтересно и сосема ново за нас беше пилешкото месо во сланина и кадаиф, таканаречено, бовча, а тука беа и „битолските јапонски“ бомбици со овес, пиде со телешко месо, лахмаџун, изгор лут сос и едно навистина поинакво мезе.
Освен необичните називи на јадењата од менито, вино барот „Буре“ е и генерално, многу интересна приказна, поточно, простор во кој е сместена историјата на овој град низ вековите.
За неа ни раскажа менаџерот Горан Палашоски кој вели дека целата сторија ја осмислил и ја реализирал сопственикот на локалот, битолскиот уметник Владимир Симоновски.
Влегувате во ресторанот и на едната страна гледате клавир, а од таванот надолу се спушта и Камера 300. Зошто? Па затоа што од седум Стенвеј клавири произведени во светот во далечните 1870. Години, пет имало во Битола, а камерата, се разбира, асоцира на Милтон Манаки и првата камера на Балканот.
„Продолжувате по Широк сокак, седнувате на клупата да се одморите, стасувате до старата саат-кула, отспротива го здогледувате вино бар Буре. Седнувате на шанкот, ве послужуваат со пијалок, ве опијануваат и ве испраќаат по улиците дома“, сликовито опишува Горан.
На сводот од влезот во другата просторија, таканаречена, турска соба, има знаци налик на хиероглифи, кои се практично, симболи за византиското пеење и византиска базилика.
Тука е и просторот посветен на 70. и 80. години од минатиот век, заедно со џубоксот и стиховите од песните на најголемиот рок бенд од овој период „Екатерина Велика“ испишани во тоалетот.
Всушност, се што ќе видите во „Буре“ зборува нешто за Битола низ вековите, па освен турската, тука е и конзулската соба, артефактите од Хераклеа, мозаици, стари скии, женска соба со машина за шиење, креденецот кој е врата кон кујната, огледало од стара берберница, и уште многу многу други предмети и детали.
Драгица Христова