Пченица не се јаде само за слави и умирачки, туку и за ќеф и здравје

Долго време пченицата ми беше само асоцијација за умирачки и евентуално, за слави. Ама бргу се навлеков и почнав да ја јадам без гореспоменатите причини, само зашто ми е ќеф. Исто така, делува превентивно кај одделни здравствени состојби, како што се опстипација, хемороиди и рак на дебелото црево.

0
1082

Иако сега не е баш тренд да се јаде пченица зашто нели, во моментов исхраната без глутен е една од најпопуларните во светот, пченицата за оние кои немаат проблем со глутенот е корисна и здрава.

Долго време пченицата ми беше само асоцијација за умирачки и евентуално, за слави. Иако единствените кои ги знам а кај кои сѐ уште за православни празници и слави се служи варена пченица, се брат ми Стефан и снаа ми Ана. И токму тие ме навлекоа да почнам да ја јадам без гореспоменатите причини, само зашто ми е ќеф.

Тие често ја јадат за време на постите, онака, само сварена и помешана со мед. Вкусна е и така, а тоа е и наједноставниот и најбрз начин за подготвување. Додека пак вака изблендирана или смелена, како што се подготвува за специјални пригоди, сепак бара малку повеќе време и повеќе валкани садови.

Ама и тоа не е ништо во споредба со правењето комплицирани торти со триста филови, шлагови и креми, полни со шеќер и холестероли. А згора на сѐ, пченицата е барем и здрава, а во комбинација со мелени ореви, мед, цимет и морско оревче, може да биде највкусен десерт, ама и здрав појадок, вечера или ужина.

Впрочем, пченицата е житарка која со милениуми наназад служи како основа на човековата исхрана и доколку немате проблем со глутенот, секако треба да ја консумирате во сите варијанти, а најкорисна е кога се консумираат целите нејзини зрна бидејќи се богати со исклучително корисни нутриенти за нашето здравје и организам.

Консумацијата на варена пченица на редовно ниво може да делува превентивно кај одделни здравствени состојби, како што се опстипација, хемороиди и рак на дебелото црево.

Интегралното, цело зрно на пченицата изобилува со витамини и минерали. Посебно се значајни витамините од Б комплекс, кои се исклучително значајни за целокупниот човечки организам, за силата и имунитетот.

Зрното од пченицата е богато и со бета-каротен, витамин Е, калциум, магнезиум, фосфор и железо. Во себе има најголем процент од протеини за разлика од сите други житарки.

Сварената пченица е одличен извор на хранливи состојки, со посебен акцент на хранливи влакна и минерали. Таа ја обезбедува оптималната количина на корисни материи за човековиот организам и воопшто има бенефит за здравјето.

Благодарение на селенот, варената пченица како лек е идеална за здравјето на срцето и крвните садови. Варената пченица како лек може да се користи за многу други здравствени тегоби како што се проблеми со желудник, хроничен умор, проблеми со циркулацијата, разни кожни заболувања, дефицит на витамини и друго.

Во една шолја варена пченица има 151 калорија, 8,19 грама хранливи влакна, 58 грама магнезиум, 11,1 грама манган, 0,09 грама триптофан.

Превенција на рак – Варената пченица содржи лигнани, фитонутритиенти, кои имаат антиканцерогено дејство, а научните истражувања покажуваат дека ова посебно важи за канцерот на дојка. Една студија покажала дека консумирањето мала количина пченични трици дневно може да ја намали концентрацијата на жолчна киселина и бактериите во столицата, за кои се смета дека може да бидат поттикнувачи на карцином на дебелото црево.

Регулација на телесната тежина – Употребата на пченица може да помогне во регулиањето и оддржувањето на телесната тежина, бидејќи ја спречува појавата на метаболички синдром на собирање на масти во пределот на стомакот, а во истовреме дава оптимална количина на добар холестерол, триглицериди и го оддржува крвниот притисок.

Лекување хронични воспаленија – Варената пченица изобилува со бетаин, корисна состојка која игра важна улога во ублажувањето на хроничните воспалителни процеси.

Природен лаксатив – Пченицата, посебно триците, делуваат како природен лаксатив, бидејќи се богати со растителни влакна, фосфор и Б витамини.