Ола лаа, какви колачи!

Царството на слатките - „Олала“ е семејна приказна која почнала носталгично, со намера да се прават слатки на начин кој потсетува на старите времиња бидејќи сѐ што се прави таму, се прави рачно и од вистински состојки

0
1179

Сигурно барем некогаш сте се нашле во ситуација кога одделни настани, чувства, предмети, глетки или вкусови сте можеле да ги опишете само со некој странски израз. И дури и да не знаете француски, сигурно барем некогаш ви дошло да извикате: Ола лаа! Ете, токму тоа е и првото што ќе ви дојде да го изговорите кога ќе ги видите колачите во истоимената скопска слаткарница.

Зад брендот „О ла ла“ стои долгогодишната новинарка Ели Пешева, денес директорка за комуникации во маркетинг агенцијата „Њу момент“. Гурман по природа, таа е особено вљубена во вкусот на слатките поради што и го изградила своето, и царството на нејзините верни соработници и клиенти – слаткарницата „О ла ла“, кадешто активно учествува во нивното создавање.

Десна рака и верен партнер и соборец во „слаткиот“ дел од нејзиниот живот ѝ е менаџерката на „О ла ла“, воедно и нејзина снаа, Елена Цветанова, бидејќи, како што вели Ели, кога станува збор за споделување на љубов, одговорност и обврски, се разбира дека најдобро решение е семејството.

Оваа семејна приказна почнала носталгично, со намера да се прават слатки на начин кој потсетува на старите времиња кога дома мајките ни правеле нешто благо па така мирисала и целата куќа, или кога бабите ќе ни спремеле нешто благо па тоа било најубаво на свет, кое се помни и се прераскажува цел живот. Но бидејќи нејзиниот сопруг се сомневал дека овој бизнис, за кој и самата Ели вели дека не е толку бизнис колку што е некој вид домаќинско хоби и производ на нивната љубов кон слатките, ќе тргне и ќе опстане, одлучила да ја стартува „О ла ла“ токму како подарок за неговиот роденден на 3 октомври 2011. година.

– Маж ми се сомневаше дека „О ла ла“ може да се развие и да опстане, па му направив маркетиншки трик, во смисла, сите на мажите им прават или им купуваат торта за роденден, а јас тебе цела слаткарница. И еве, функционираме веќе шеста година на две локации, најпрвин бевме лоцирани во ГТЦ, а сега во ТЦ Веро-Џамбо и од неодамна, во Скопје Сити мол – раскажува Ели.

Сигурно е претешко да се биде на диета кога си сопственик на цела слаткарница со највкусни колачи во градот, но не веруваме дека е тешко кога секојдневно мора да го контролираат квалитетот на истите.
Пробувањето на колачи се должи на тоа што клиентите на „О ла ла“ се веќе прилично разгалени, па со оглед на квалитетот што им се нуди таму и секојдневното подготвување тазе слатки, велат Ели и Елена, се муртат дури и на торта со вчерашен датум. Не дека и дома не ги правиме тортите од денес за утре, ама ете… кога ќе ги научиш луѓето на нешто добро, потоа нема назад. Тие пак, вели Ели, не ни сакаат да се враќаат назад или нешто да менуваат.

– Оние кои користат индустриски замени и состојки во прав, а денеска има сѐ во ваква форма, од јајца и млеко во прав, до бадеми, шлаг и чоколадо во прав, можат мирно да спијат затоа што нивните слатки можат да стојат и подолг период, додека ние, особено кога има вакви промени на температурите, мора секојдневно да контролираме и сѐ што останува од претходниот ден, да го менуваме со тазе. Навистина е тажно кога понекогаш мора нешто да фрлиме, иако е сѐ уште добро за употреба. Сега да влезете во кујна, ќе видите како слаткарките матат свеж шлаг од белки, или путер со чоколадо, и буквално ништо, ама баш ништо не се прави од прав. Секако, трошоците со овие индустриски алтернативи би биле помали отколку автентичната подготовка, но ние од старт си тргнавме со таква замисла, нашите колачи и торти да бидат правени, што се вели, како за нас. Имаме одредена клиентела, луѓе кои се навикнале и на квалитетот на нашите слатки, но и на нашите цени, кои со оглед на големината на колачите и „О ла ла“ вкусовите, не се високи.

Како и да е, не е замислено „О ла ла“ да биде мануфактура која ќе снабдува фабрики за храна, туку сѐ си тргна како семејна приказна. Сите во семејството сме гурмани, сите сакаме благо, па логично беше со оглед на нашите афинитети кон слатките задоволства да отвориме токму слаткарница, а не како што на шега ми предлагаше мојот сопруг – фитнес салон. Реално, јас и дома секогаш подготвувам слатки работи, а кога ќе се најдеме во гужва или пак имаме некоја поголема нарачка, и јас и Елена сме тука за помош. Практично, сите рецепти кои ќе ги видам на некое патување, ќе ги вкусам и ќе ги бендисам, ги правам прво дома, па им ги носам на дегустирање на колегите во „Њу момент“, а дури потоа, им го давам рецептот на нашите слаткарки. Се разбира, сите тие рецепти треба да се прилагодат и да се адаптираат на македонскиот вкус – вели Ели.

Што се однесува до вкусовите, таа вели дека за разлика од, на пример, Италијаните и Французите кои сакаат многу кремови и овошје, кремовите кај нас поминуваат само ако се чоколадни.

– Нашите луѓе сакаат чоколадо во сѐ. Деведесет отсто од Македонците се обожаватели на чоколадо, наспроти 10 отсто од нив кои сакаат овошни работи без чоколадо, па рецептите ги прилагодуваме кон тие 90 проценти. Некои од рецептите се необични за македонското поднебје, па луѓето тешко ги прифаќаат. На пример, кога ние почнувавме пред 6 години, немаше макаронси, тартови, американски палачинки, а сега ги има на многу места, но нас тоа не нѐ загрижува, ние сме уверени во квалитетот на нашите колачи, а и сметаме дека е добро да има избор на македонскиот пазар и луѓето да имаат можност да ги пробаат и традиционалните, но и светските колачи. Се разбира, секој рецепт си бара време, внимание и посветеност и никогаш ниту еден не ни успеал од прва. Затоа и ги правиме и ги испробуваме прво дома. Така и со макаронсите ни требаше време  да ги совладаме – вели Ели, а Елена се надоврзува:

– Подготовката на макаронси е комплицирана, сѐ си има свое, кога треба да ја изматиш белката, кога да додадеш бадеми, итн. Нам ни требаа неколку месеци за да го усовршиме рецептот, а згора на ова, ние и нив ги правиме рачно затоа што сметаме дека во моментот треба да ги правиме така, па кога понекогаш луѓето ќе ни кажат дека не се сите исти, им велиме дека не се ни трудиме да бидат сите исти, за да сфатат колку енергија е вложена во секое од нив.

Нивните слатки, иако првично планирале, не се продаваат во супермаркети.

– Прво тргнавме со идеја да бидеме присутни во некои од нив, но набргу сфативме дека не можеме да се потпреме на тоа дека и таму ќе може да го гарантираат квалитетот, како што тоа го правиме кај нас. Ние си знаеме дека секој ден во 11 часот витрините се полнат со тазе слатки, и тука има кој да се погрижи тоа да биде така, а во супермаркетите може да го прават тоа, но може и да не го прават – вели Елена која токму поради ова понекогаш има проблем да се разбере со инспекторите кога тие ќе побараат да ги видат нивните замрзнати колачи и торти.

– Јас им велам, немаме замрзнати колачи и немаме замрзнати торти, а тие прашуваат: па зошто ви се тогаш замрзнувачите?! Тие нам ни служат само за замрзнување на овошје и тоа толку колку што е потребно за да имаме некаква залиха за месец или два откако на некое овошје ќе му помине сезоната, а потоа слатките ги прилагодуваме кон друго сезонско овошје – објаснува Елена.

Со оглед на трендот на здрава исхрана, тие планираат да развијат линија на слатки кои се здрави и со сирови продукти. И сега прават неколку такви, но со оглед на тоа што се зголемува групата на луѓе кои се хранат на овој начин, планираат да направат нешто повеќе и на тој план.

Најбарани слатки им се палачинките и принцес крофните, а од тортите – Васината. Сепак, повеќе се трошат оние потрадиционалните и „постаромодните“ слатки отколку модерните.

Не планираат да го сменат принципот на работење и да импровизираат со квалитетот, туку се надеваат дека ако сите во својата сфера се потрудат да работат квалитетно, ќе направат да се врати чувството за висок квалитет и добра услуга кај луѓето, да се обнови системот на вредности кој кај нас не функционира.

Бидејќи голем дел од нивните клиенти се странци, секогаш се трудат да имаат слатки кои се традиционални во земјите од кадешто тие доаѓаат. Во септември пак, ги очекува соработка со Американка која живее тука и подготвува водич за нејзините сонародници кои, како и таа живеат во Македонија и која им понудила да им ги даде традиционалните американски рецепти, а нивната слаткарница да биде дел од овој водич.

Иако се економски тешки времиња, не се откажуваат, мотивирани да опстанат, па дури и да се прошират такашто нивните слатки ќе бидат дел од понудата во некој поголем локал. Патем, нивните слатки се навистина фантастични и среќни сме што им помогнавме она што можеше да се изеде денеска, да не остане за утре затоа што утре веќе доаѓаат нови! Па што да кажеме на сето ова освен едно: Олалааа!

Текст: Драгица Христова