Охридски питулици под сенка од банана

0
2593

Нашите соговорници Миле и Цветанка Савески од Охрид направиле мал зелен рај во кампот Љубаништа, кадешто го минуваат сето слободно време. Меѓу зеленилото и многубројните цвеќиња кои тие секојдневно ги аранжираат во преубави букети, вниманието го привлекува растението со големи и долги нежно зелени листови, а кое, доколку досега не сте го виделе во живо, а се уште нема плодови, можеби нема да го препознаете. Станува збор за банана.

Да, ако и вие сонувате за тропските предели, сигурно во вашите соништа ги гледате и егзотичните листови на бананата која намамува со ладовината и со својата нежнозелена боја. Но тоа не мора да остане сон…

Сепак… не е лесно да се стаса до фаза кога ќе можете да ги консумирате бананите од својата градина. Нашиот соговорник Миле Савески се уште не стасал до оваа фаза иако во својата градина во Љубаништа има прекрасно стебло на банана.

„Многу сакав да насадам банана и таа навистина изгледа преубаво, но за жал, иако раѓа плодови во низа од 7-8, тие растат само 7 сантиметри и толку. Во почвата ставам овчи гној со слама и го полевам стеблото со многу вода, во зима го покривам со 7 најлони и со слама, ама зимите се студени и тешко опстанува“, вели Савески кој е сепак оптимист дека некоја година кога зимата ќе биде помека можеби ќе успее да добие и јадливи плодови банани.

Инаку, тој и неговата сопруга се големи мераклии за цвеќе и воопшто, за хортикултура, па нивната зелена оаза во Љубаништа не може да остане незабележана. Уште кога оттаму ќе се рашират и мирисите на питулиците што Цветанка често ги приготвува, не се родил јунак што ќе ги одмине.

Домаќинката вели дека таа сепак не е „оригинал“ охриѓанка, туку е само мажена во Охрид, па само ни кажа дека овој специјалитет го знаат сите охридски жени, но дека секоја си има свој марифет. Таа ги прави питулиците во старата тава од свекрва ѝ, но кога се во кампот, често ги спрема и во оваа помодерна верзија.

Се обидовме да го најдеме вистинскиот рецепт за охридски питулици, а според него, за да ги направите ќе ви требаат:

800 г брашно

3 лажици зејтин

1 лажичка прашок за пециво
1 лажичка сол
вода по потреба (тестото треба да биде малку погусто отколку тестото за палачинки, околу 7 чаши).

За филување:

500 г солено сирење

околу 1,5 дцл зејтин за попрскување на питулиците

Приготвување:

Изматете течна смеса од наведените состојки, нешто погуста од смесата за палачинки. Внимавајте да не останат грутки во смесата.

Од смесата испечете палачинки на намрсена тава.

Откако ќе ги испечете, ставете ја првата питулица, попрскајте ја со малку зејтин, распоредете го сирењето (1 лажица), ставете ја втората питулица и се така додека не се потрошат сите. Горната питулица попрскајте ја со зејтин. Исечете ја питата пред печењето и ставете ја во загреана рерна на 200 степени да се пече околу 30 минути.

Д.Х.