Брачната двојка Димковски се битолчани кои пред две децении решиле да си обезбедат место кадешто ќе можат да побегнат на чист воздух во слободните денови, но и место за своите пчели кои првин почнале да ги чуваат за да имаат мед за себе и за семејството, а откако се пензионирале, и посериозно, за себе, но и за продажба.
Иако со пчеларство почнале да се занимаваат уште во 1998.година, органски мед почнале да прават во 2007.
Местото кадешто можат да дишат со полн капацитет чист планински воздух, но и кадешто нашле здрава средина за своите пчели, е селото Дихово. Нивниот пчеларник е веднаш до оној на нашиот стар познајник, Нацо Јовчевски, инаку, како што со гордост вели Дичо – негов ученик.
Го прашавме дали го гледале филмот „Медена земја“ и дали и тој го прави она што го правеше Атиџе во филмот, пола им остава на пчелите, а пола зема за себе.
Господин Димковски вели дека сѐ уште не го гледал филмот, но го видел трејлерот за него.
„Мојата филозофија е никогаш да не земам од делот на пчелите, а според тоа како е конципирано пчелиното друштво, во два дела, долниот е за пчелите, а горе ако се наполни, тоа е за пчеларот, ако не, тогаш ништо.
Јас му имам ветено на мојот учител, еден стар пчелар од Битола кој повеќе не е меѓу нас, дека никогаш нема да земам ниту грам од она што е на пчелите. И така е до ден денеска, не сум ја прекршил никогаш мојата заклетва. Мислам дека е тоа слично на она што го прави Атиџе, со тоа што е таа одгледувач на диви пчели и го прави ова на традиционален начин како што го правеле тоа уште на времето. Техниката е поинаква, но суштината е иста“, објаснува тој.
Господин Дичо го поминал својот работен век во РЕК „Битола“ и токму поради тоа што работел на такво место, бил желен за чист воздух и природна храна. Затоа купил викендичка на планина, во село Дихово и почнал да се занимава со пчеларство. По професија е електроничар, но откако се пензионирал е сконцентриран само на пчеларството – тој, неговата сопруга Цвета и пчелите.
„Од секогаш сум сакал за себе и за своите деца да купувам здрава храна, па така некако ми дојде и желбата за пчеларство.
Имав среќа да учам од човек кој сакаше да работи правилно и да прави природен мед, и ми велеше: ‘ќе те учам, ама да ми ветиш дека ќе правиш вистински мед’. Му се заколнав дека ќе работам по неговите инструкции и до ден денеска не сум отстапил од тоа, иако могумина ме советувале да извадам од плодиштето, односно од долниот дел, од она што е на пчелите. А, штом тоа ќе се извади, пчелата треба да почне да се прихранува. Затоа јас никогаш не сум зел ниту грам од тоа што им припаѓа на пчелите“, вели нашиот соговорник.
Инаку, тој е член на македонското здружение за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела – МакБи.
„Ние вршиме селекција на македонската плодоносна пчела со цел да се подобри квалитетот на нашата автохтона пчела и понатаму тие селектирани матици ќе бидат поделени во здружението за да имаме автохтона раса на пчели.
Президиумот „МакБи” работи на зачувување на македонската медоносна пчела, а целта на органското производство на пчелни производи не е во количината, туку во нивната здравствена исправност. Се тежнее кон производство на здравствено безбедна храна без присуство на пестициди и други отровни материи.
За да се премине од конвенционално во органско производство на мед, потребен е период од 4 години, потребно е да се замени комплетно восокот, бидејќи во конвенционалното производство е дозволено да има 30 отсто парафин во основите на саќето, а во органското не е дозволено да има ниту 1 грам. Исто така, третирањето на пчелите мора да се прави со органски, природни средства, а инсектициди не смеат да се употребуваат. Потоа, пчелите треба да бидат во чисто, незагадено подрачје, далеку од индустријата, и во близина, односно, во радиус од 3 километри не треба да има овоштарници кои се прскаат, на пример, во Преспа или во Пелагонија не е дозволено одгледување на пчели за органски мед, туку само во планините.
За жал, кај нас има многу малку органски производители на мед. На почеток имаше повеќе интерес бидејќи државата нудеше субвенции, но доста се откажаа во меѓувреме. Многу се помали приносите во органското производство, затоа што не е дозволена селидба на пчелите, од една до друга паша. Имено, конвенционалните пчелари ги носат пчелите, на пример, од ливада ги носат на багрем, на сончоглед, на маслодајна репа, а тие култури не се дозволени бидејќи се индустриски и се многу запрашени со инсектициди од кои пчелите умираат или носат од нив во медот“, објаснува Димковски.
Тој и неговата сопруга прават само чист мед, а не и мешавини, бидејќи, како што велат, доколку некому му треба на пример лек за слабокрвност, наместо готова мешавина од коприва и мед, ги советуваат луѓето да си земат природен мед и семе од коприва и сами да си ги измешаат. Се разбира, и самите јадат многу мед.
„Секое сабајле пијам чаша млака вода со една лажица мед затоа што на моја возраст тоа е многу корисно за простата. Со оваа мешавина си ги пијам и редовните лекарства“, вели нашиот соговорник и ни објаснува за различната боја на медот и на саќето.
„Светлиот е првиот мед, кога почнуваат да цветаат багремот и белата детелина, а потоа, ако не успеат пчелите да го затворат саќето, доаѓаат костенот, капината, и тие медови тогаш се со потемна боја. Ако дојде од планината медликата (медна роса која се зафаќа на цветот од дрвјата), тоа е речиси готов мед кои пчелите само го земаат и го носат во кошницата. Тој мед се вика медликовец и годинава имаме од него многу мала количина, само за нас, за пријателите и за нашите редовни муштерии“, завршува господин Димковски.