Мирисаат на цимет, чоколадни се, пецкаат од ѓумбирот и идеални се за ладните зимски денови. Едноставни за правење, кратко се печат, а уште побрзо исчезнуваат.
Состојки:
170 г црно чоколадо
115 г путер
2 јајца
100 г брашно
125 г кафеав шеќер
20 г горчливо какао
1 лажичка прашак за пециво
1 ипол лажичка ѓумбир во прав
1 лажичка цимет
1 лажичка екстракт од ванила
Прстофат сол
Шеќер во прав за валкање
Приготвување:
1. Во сад помешајте ги сувите состојки: брашно, прашак за пециво, какао, цимет, ѓумбир во прав и прстофат сол.
2. Стопете ги на пареа чоколадото и путерот и оставете ги 10 минути да се оладат, па додадете го шеќерот и добро измешајте.
3. Потоа во чоколадната смеса додадете едно по едно јајце, мешајте со маталка и додадете го екстрактот од ванила. На крајот додавајте ги малку по малку сувите состојки и се добро измешајте.
4. Ставете ја смесата во фрижидер најмалку 2 часа (може и преку ноќ).
5. Со лажичка вадете од смесата и направете топчиња со големина на орев.
6. Извалкајте ги во шеќер во прав па ставете ги во тепсија обложена со хартија за печење. Внимавајте помеѓу нив да има барем 4-5 цм растојание.
7. Печете ги во претходно загреана рерна на 180°C околу 10-12 минути. Оставете ги малку да се оладат па дури потоа вадете ги од тепсијата.
8. Можете да ги чувате во кутија со капак од 7 до 10 дена.