На крафт пиво кај „Боби и Руди“

После долгиот спарен ден, на прошетка низ загрепската населба Запруџе со нашата домаќинка Марина, седнавме на ладно пиво во пивницата „Боби и Руди“, наречена така по најпознатите чувари на ведриот загрепски дух и, се разбира, го пробавме пивото на куќата - Bobi&Rudi pale ale

0
560

„Кои се Боби и Руди?“ – ја прашавме нашата домаќинка во Загреб, Марина Луетиќ.

„Тоа се легендарни загрепски ликови, чувари на ведриот загрепски дух, всушност, главни ликови во вицовите со сатиричен набој во стриповите што ги објавувале Маријан Филиповиќ, професор по географија задолжен за текстовите, и Фрањо Мејкснер, цртач. Овие стрипови се печателе во тираж од 20 илјади и тоа траело отприлика до педесетите години на минатиот век. Тие двајца со децении со стриповите за Боби и Руди ги развеселувале жителите на Загреб и околината“, ни раскажа таа.

Оваа пивница со интересно име е сместена на плоштадот Иван Мештровиќ и е место со пријатен амбиент, домашна атмосфера и има повеќе од 70 видови на премиум и крафт пива.

Тука може да се испробаат различни видови чешки, германски, белгиски, англиски пива во шишиња, но исто така и домашни точени пива „Медведград“ и „Змајско“.

Сопственикот, Славко Паук ни кажа дека неговата сопруга има македонско потекло, односно, татко ѝ е Македонец, па оваа вечер почна да добива уште поголем смисол.

Инаку, пивницата е замислена како дневна соба во која луѓето се чувствуваат, но и се однесуваат како да се дома.

Иако е дел од населбата Запруџе, оваа пивница не е само локално збиралиште на „пивољупци“, туку доаѓаат гости и љубители на добро пиво од речиси сите други населби во градот.

Секако, тука се гледаат и натпревари, а има и живи свирки.

Во пиварата се точат 6 видови крафт пива од Змајската пивара и од Медведград.

Единствено што не можете да најдете тука се индустриски точени пива.

Затоа пак, има шеесетина видови пиво, а од нив, четириесетина се индустриски, хрватски, но и многу квалитетни баварски, холандски, чешки, словенски, белгиски, па дури и пива од Шри Ланка и еколошки Хиртер пива.

Останатите се крафт пива од домашни производители.

Најпродавани брендови се точените пива од Змајска пивара и од пиварата Медведград. Ние го пробавме пивото на куќата -Bobi&Rudi pale ale и иако за вкусовите не треба да се расправа, особено кога станува збор за пиво, ова беше навистина одличен избор.

Гратис добивме симпатично спакувани кикирики (најпознатото пивско мезе) и еден виц за легендарните Боби и Руди.

Боби испил малку повеќе па мртов пијан го донеле во болница. Кога се разбудил, прашал:

Што правам јас овде?

Имавте труење со алкохол!

А кој ми дал отруен пијалок?!